Рецензии

„Hannibal“ - Серија со многу квалитети што го заслужува вниманието на гледачите

8. јуни 2015 - 13:56 | Маја Танушоска

Емитувањето на првата епизода од третата сезона на „Hannibal“ собра голем број комплименти од гледачите и критиката. Естетски, почетокот на новата сезона е речиси совршен и претставува прекрасен вовед во понатамошниот тек на настани во кои во центарот на вниманието е Ханибал Лектор.

Оваа серија поседува голем број квалитети преку кои умее да го зароби вниманието на гледачот и да го внесе во еден посебен мрачен свет. Доколку ја следите редовно, веднаш можете да посочите дел од нив, иако естетиката што ја поседува „Hannibal“ тешко може да се опише.

Екипа

Целата екипа на „Hannibal“ пред емитувањето на првата сезона се наоѓаше под притисок. Ликот на Ханибал Лектор (создаден од авторот Томас Харис) на големото платно на извонреден начин го портретираше Ентони Хопкинс, па сега прашањето беше што може да понуди серија посветена на овој лик и колку истата може да го задржи вниманието на гледачот? Но, серијата понуди сценарио, актерска екипа и режија кои ги надминаа очекувањата.

Одбирањето на главниот актер не беше лесна задача, а истата му припадна на данскиот актер Медс Микелсен кој му даде еден посебен шарм на ликот на Лектор. Медс е мошне талентиран актер, има освоено голем број награди, а една од најзначајните е онаа што ја освои на Канскиот фестивал во 2012-та година за најдобар актер за улогата во „The Hunt“. Изведбата на Медс во комбинација со онаа на Хју Денси кој го толкува ликот на Вил Греам резултираат со одлични сцени. Колку за потсетување, Вил Греам е лик кој им помага на ФБИ во создавањето на профили на убијци. Со појавата на убиствата што ги извршува Ханибал, Греам полека почнува да го гради неговиот профил и да му се приближува. Но, тешко можете да одредите кој ја диктира играта и кој ќе излезе како победник во манипулацијата. Овде има соочување на двајца генијалци. Целата таа игра е претставена преку симболи и низ посебната перцепција на ликовите. Визуелно во таа смисла, посебно е импресивен начинот на кој Вил Греам го гледа ликот на Ханибал.

Покрај Хју Денси и Медс, во серијата значајни улоги имаат Лоренс Фишбурн кој ја толкува улогата на детективот Џек Крафорд, како и Џилијан Андерсон која ја толкува улогата на Беделија.

Приказна

Дејството во серијата се отплеткува прилично бавно. Двете досегашни сезони понудија по 13 епизоди исполнети со ситни навестувања што гледачот треба да ги улови, но воедно серијата преку филозофските расправи се обидува да покрене многу прашања, што дава посебна тежина.

Ханибал е исклучително интелигентен човек кој умее да дискутира на многу теми, а зад таа елеганција и префинетост се крие личност што го планира убиството и сецирањето на идните жртви кои ги користи за да подготви рецепти за себе и своите гости.

Медс Микелсен изјави дека нему му се допаѓа што дејството во серијата се отплеткува бавно. За разлика од серии во кои поради брзината на настаните не обрнувате внимание на деталите, „Hannibal“ со начинот на кој ја претставува приказната практично ве тера да погледнете во секое ќоше и да обрнете внимание на секој збор. Затоа што, она што го зборуваат Ханибал и Вил е особено важно. Дури и разговорите што делуваат безначајни, подоцна се покажуваат како клучни. Во „Hannibal“ е прикажана психолошка игра и тоа е изведено на генијален начин.

Медс успева да делува застрашувачки и префинето, давајќи му на Ханибал посебна харизма, на која оние околу него тешко можат да одолеат. Ханибал е лик што импресионира и заведува, на тој начин ги лови своите жртви, кои предоцна сфаќаат што им се случува.

Амбиентот што е изграден околу Ханибал е навистина посебен - неговата канцеларија, домот, неговите методи треба да ви кажат многу за неговиот лик. Ова е човек кој смета дека е над сите и генерално е во право, затоа што игра лукава игра која е тешка за читање.

Или како што вели Беделија - ако мислите дека можете да го фатите Ханибал, тоа е затоа што тој сака вие да мислите така.

Естетика

Има посебна убавина во начинот на кој се претставени сцените. Првата епизода од третата сезона е врвот во поглед на естетиката што ја поседува серијата, но ова е серија која со секоја епизода покажува сè подобар квалитет, па така има и простор да се надмине на ова поле во понатамошниот тек.

Во суштина, ова е вознемирувачка приказна со грди детали. Со оглед на начинот на кој се покажани бруталните убиства, потребни се силен стомак и нерви, но затоа треба да се честита на осмислувањето на сцените и режијата преку кои е прикажано сето тоа. Дури и одвратните сцени се прикажани на елегантен начин. Перфекционизмот на Ханибал е прикажан во деталите на убиствата, а во драматичноста на дејството многу помага и музиката која успева да ја оформи атмосферата соодветно на сцената.

Loading the player...

Она што треба да се спомене е дека рејтингот на „Hannibal“ кај публиката во почетокот не беше многу голем, иако критичарите уште од стартот го фалат она што го создаде нејзиниот креатор Брајан Фулер (кој не е премногу изненаден од сето ова). Тоа е нешто што полека треба да се поправи, затоа што квалитетот на оваа серија заслужува поголемо внимание, а причините за тоа се бројни. Доколку сте љубител на мрачни приказни, а сè уште не сте погледнале ниту една епизода, тогаш дефинитивно треба да и дадете шанса.

Loading the player...

Коментирај