Рецензии
Рецензија

„The Hobbit: The Desolation of Smaug“ – Авантурата продолжува

14. декември 2013 - 14:35 | Маја Танушоска

Помина точно една година откако го видовме Билбо Багинс како натоварен го напушта своето родно место велејќи дека оди во авантура. Таа авантура во првиот дел од трилогијата на Џексон ги изложи Билбо и Џуџињата на низа опасности. А опасноста и авантурите сигурно не изостануваат во вториот дел од трилогијата.

Публиката која ги сака „LOTR“ и првиот дел на „The Hobbit“, знае што може да очекува од Џексон. Овој режисер создава свет кој неговите обожаватели никогаш не би можеле да им го објаснат на гледачите кои филмовите во кои Џексон го отсликува светот на Толкин, ги гледаат како секој друг филм. Очекувано беше дека после премиерата на вториов дел, критичарите веднаш ќе почнат да му префрлаат поради тоа што така кратка приказна ја растегна во трилогија иако можел да направи еден фантастичен филм. Неговата публика, без разлика што е свесна дека трилогијата е направена за да се извлечат повеќе пари, сигурно нема да го бојкотира филмот.

Во споредба со првиот „The Hobbit: An Unexpected Journey“, вториот „The Hobbit: The Desolation of Smaug“ е малку пократок, но подинамичен. Џуџињата, Билбо и Гандалф ја продолжуваат мисијата за да го вратат домот на Џуџињата. Ќе мине многу кратко време пред вниманието на Гандалф да го сврти големата опасност која надоаѓа и тој ќе мора да ја остави дружината која ќе го продолжи патувањето без него. Предводени од Торин, Билбо и Џуџињата ќе се соочат со џиновски пајаци, Орките и Елфовите. Прстенот кој Билбо го зеде во првиот дел, во вториот ќе му се најде од голема помош во многу наврати.

Патешествието ќе ја одведе дружината многу блиску до планината во која спие змејот Смауг. Токму таму Билбо ќе треба да го направи она заради што и беше повикан. Секако, плановите не одат секогаш според посакуваното. Средбата меѓу Билбо (Мартин Фримен) и Смауг (Бенедикт Камбербач) е еден вид обединување на двајцата главни актери познати по улогата на Шерлок и Вотсон во светски популарната серија „Sherlock“. Камбербач му дава посебна моќ на змејот и веднаш ќе добиете впечаток дека го нашле вистинскиот човек за да му го позајми гласот на Смауг.

Од сите нови ликови кои се појавуваат, најголем впечаток оставаат Бард (Лук Еванс) и секако прекрасната Тауриел (Еванџелина Лили), лик кој нема да го најдете во книгите на Толкин, туку е создаден од Питер Џексон. Овој лик дава убава романтична нишка на филмот и воедно е единствената жена која стои рамо до рамо со останатите моќни машки ликови. И секако ако ви недостигаше Леголас (Орландо Блум), ќе го видите во повеќе наврати.

Џексон како ретко кој режисер умее да го прикаже светот на доброто и злото. Во еден миг некој од ликовите се соочува со смртна закана, во другиот има сцена со хумор која ви го поправа расположението. А во случај да сакате да чуете во кој момент режисерот би го поделил филмот, кога би имало само два дела, можете да чуете во следново интервју.

Во однос на препораката дали овој филм вреди да се погледне, работите се малку поспецифични одошто кога зборувате за некој друг филм или трилогија. Џексон работи во континуитет. Тоа значи дека оној што го гледал првиот филм и му се допаднал, во никој случај нема да го пропушти вториот. Едноставно, Питер Џексон е еден од оние ретки режисери кој успеа да ја стекне довербата на публиката и таа му верува кога се филмовите во прашање. Првиот дел од трилогијата успеа да заработи над милијарда долари, вториот не би требало да мине полошо во тој поглед.

Фанови на Толкин и Питер Џексон, во никој случај не смеат да го пропуштат „The Hobbit: The Desolation of Smaug“. 

Коментирај