Фудбал
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕУРО 2020

Хрватите без Ракитиќ и Крамариќ на решавачкиот дуел со Словачка

11. ноември 2019 - 20:30 | Ф.З.

Главоболки за хравтската репрезентација која на одлучувачкиот дуел за пласман на ЕУРО 2020 против Словачка ќе мора да игра без повредените Ракитиќ, Крамариќ и Митровиќ.

Тројцата пристигнаа на подготовките во Загреб, но по лекарските прегледи стана јасно дека ниту еден од нив нема да може да ѝ помогне на репрезентацијата. Сите тројца беа веднаш ослободени и пуштени да се вратат во своите клубови.

Иван Ракитиќ има проблеми со ахиловата тетива, но тренираше кај Барса и беше на клупата на последните два дуела иако не влезе во игра.

Андреј Крамариќ од Хофенхајм го мачи коленото, додека Матеј Митровиќ има проблем со стапалото.

„Ни фалат стопери и уште бараме решение. Крамариќ дојде, но ете се враќа во клубот. Нема тренирано седум дена и не е спремен. Ракитиќ има проблем со ахиловата тетива, а Митровиќ на последниот тренинг имаше болки“, рече селекторот Златко Далиќ по денешниот прв тренинг.

Хрватска в сабота во Риека ја пречекува Словачка и за актуелниот светски вицешампион тоа ќе биде последен натпревар. На Хрватите им одговара и нерешено, но евентуален пораз би ги ставил во многу непријатна позиција и во последното коло кога се слободни би зависеле од другите резултати.

Коментирај