Регион

Хрватите и Бугарите се најнезадоволни граѓани на ЕУ

11. ноември 2019 - 9:23 | А.С.

Хрватите и Бугарите се вбројуваат меѓу најнезадоволните граѓани на Европската Унија, покажуваат најновите истражувања на евростатистичарите.

Со просечна општа оцена на квалитетот на живеење од само 6,3 во 2018 година, Хрватите се позадоволни единствено од Бугарите, кои дале просечна оцена за квалитетот на живеење од 5,4.

Треба да се нагласи дека оцените се движат од 0 (целосно незадоволни) до 10 (целосно задоволни).

Просечната оцена за квалитетот на живеење од граѓаните на ЕУ во 2018 година изнесуваше 7,3, покажуваат податоците на Еуростат.

Бугарите сепак лани биле позадоволни во споредба со 2013 година кога просечната оцена на нашите источни соседи беше 4,8. Оцената на Хрватите е иста, што значи дека бележи стагнација.

Трендот на стагнација за квалитетот на живеење во ЕУ ја зафати и Белгија, но за разлика од Хрватите, граѓаните таму имаат висока оцена од 7,6, што е над просекот во ЕУ.

Главната причина за незадоволство на Хравтите е од финансиска природа. Според истражувањата, сопствената финансиска ситуација Хрватите ја оценуваат со просечна оцена од 5,2 што исто така е една од најниските во ЕУ.

Понезадоволни од личната финансиска состојба во ЕУ се само Литванците и Бугарите, додека просечната оцена е 6,5.

Хрватите се на дното на ЕУ скалата и по оцената на личните односи, односно квалитетот на односите со другите луѓе. Истражувањето на Еуростат покажа дека просечната оцена што ја дале Хрватите за 2018 година е 7,5, што е под просекот во ЕУ од 7,9.

Понезадоволни по ова прашање се само Грците и Бугарите.

Словенците спаѓаат меѓу најзадоволните граѓани на ЕУ. Вкупниот квалитет на живеење го оцениле со просечна оцена од 7,3, додека финансиската состојба ја оцениле со 6,3.

Коментирај