Свет

Хутите ја презедоа одговорноста за нападите со дронови во Саудиска Арабија

14. септември 2019 - 12:35 | МИА

Ријад, 14 септември 2019 (МИА) – Јеменските шиитски бунтовници Хути, кои се тесно поврзани со Иран, преку соопштение денеска информираа за напад со 10 беспилотни летала врз големите нафтени објекти во Саудиска Арабија, јави ДПА.

Нападот предизвика пожари во два големи нафтени објекти управувани од саудискиот државен нафтен гигант Saudi Aramco, во источната провинција Букјак, информира портпаролот на саудиското Министерство за внатрешни работи.

- Пожарите подоцна се ставени под контрола, наведе саудискиот официјален претставник, цитиран од ДПА.

Портпаролот на јеменските бунтовници Јахја Сари изјави дека нападот е „легален одговор“ на тековната воена кампања предводена од Саудиска Арабија против Хутите во Јемен.

- Ние му ветуваме на саудискиот режим дека нашите следни операции ќе се прошират и ќе бидат поболни, додаде портпаролот на бунтовниците, пренесен од телевизијата al-Masirah.

Во Букијак, на околу 330 километри североисточно од саудискиот главен град Ријад, се наоѓа најголемата рафинерија во светот.

ДПА наведува дека засега не е познато дали денешниот напад го наруши производството на нафта.

Во последните месеци, Хутите ги засилија своите напади со проектили и беспилотни летала кон соседна Саудиска Арабија.

Јемен, една од најсиромашните земји на арапскиот свет, од 2014 година е заробена во уништувачката борба за моќ меѓу Хутите и владата поддржана од Саудиска Арабија.

Саудијците стравуваат дека Хутиите ќе му дадат на својот регионален ривал Иран стратешко подножје на Арапскиот полуостров.

Бунтовниците во моментов ја контролираат Сана, главниот град на Јемен, но и други делови на земјата, јави ДПА.

Коментирај