Култура

„Импровокација“ по втор пат пред скопската публика

18. април 2019 - 15:36 | А.С.

Театарска импровизација „Импровокација“ е проект на професионалните актери, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски и Филип Кипровски, Никола Јосифоски на пијано и Филип Ангеличин Жура како организатор (совест на шоуто).

Оваа екипа по неколкугодишни успешни настапи во Охрид и урнебесното деби во Скопје пред неколку недели, по втор пат ќе настапи пред скопската публика вечерва, 18 април, во 21 часот во „Јавна соба“.

„Импровокација“ е фузија од Канадските техники за „театарски спорт“ (Theatre sport) и Американските техники за театарска импровизација.

Таа припаѓа во таканаречената „кратка форма“ (short form) на театарска импровизација во која што се играат не помалку од 12 различни „игри“ за 70-тина минути и тоа ја прави да е многу динамична и забавна.

Дијалогот, мизансценот, каратерите и приказната, во нивната најчиста форма, се создаваат заеднички во мигот, пред очите на публиката без никакви предходни подготовки.

Точно заради тоа секоја изведба на „Импровокација“ е премиерна и никогаш не може да се повтори уште еднаш. Ваквата форма на театар е комична и спонтана.

Рамката на импровизацијата ја даваат актерските задачи (т.н. игри) кои што ги одредуваат правилата на кои актерите се придржуваат додека ја импровизираат сцената.

Публиката директно е инволвирана во процесот на создавањето на сцените со нивните предлози од место или во одредени случаи се јавуваат и како актери на сцената. Во зависност од енергијата на публиката и предлозите кои што таа ги дава, таков тематски правец добива и самата изведба.

Театарската импровизација „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е спонтана, забавна и смешна, но како сите други работи треба да се види и доживее за да се ужива во неа.

Билетите може да се набават ТУКА.

Коментирај