Најмалку еден маринец загина, а петмина уште се водат за исчезнати во инцидентот во кој два американски авиони се удрија еден во друг и паднаа во морето во близина на јапонското крајбрежје.
Американската војска соопшти дека причината за падот на авионите е меѓусебен судар во лет. Еден од двајцата маринци кои беа најдени во близина на несреќата е мртов, а другиот е во добра состојба.
Инцидентот се случил откако авионите полетале од базата Ивакуни во близина на Фукушима, Јапонија, за да учествуваат во претходно закажаните вежби.
Авионот-цистерна и „ловецот“ на американската војска паднале во околу 2 часот утрото по локално време.
Авионите McDonnell Douglas F/A-18 Hornet и KC-130 биле дел од рутинска обука за полнење горво во воздух. Морнарицата уште води истрага да се дознае како дошло до сударот.
Американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter напиша дека неговите мисли и молитви се со маринците кои учествувале во инцидентот.
Трамп исто така им се заблагодари на американските сили во Јапонија за брзото реагирање и нивните спасувачки напори.
Повеќе од 50.000 американски војници престојуваат во Јапонија на основа на билатералниот безбедносен пакт меѓу двете земји.