Интервјуа
„На крајот победници ќе бидеме сите ние“

Интервју со Ана Троберг, Претседателка на „Партијата на пиратите“ во Шведска

26. март 2012 - 10:26 | Гоце Постоловски

Ана Троберг е на чело на првата партија на пиратите која што легално функционира во Шведска од 2006 година. Оваа партија која подоцна доби свои ограноци во 50 земји низ Европа и светот делува на легален начин да се избори за правата на луѓето да делат знаења и материјали за лична употреба, а се бори и за заштита од надгледувањето и нарушувањето на приватноста од страната на државата и големите компании. Нивната популарнoст во Шведска, но и во Европа постојано расте, а од 2009 година имаат и претставници во Европскиот парламент. Прочитајте го ексклузивното интервју кое Ана го даде за „Кајгана“.

Ве молам преставете им се на нашите читатели

Се викам Ана Троберг, имам 37 години и живеам во Стокхолм со мојата партнерка и куп домашни миленици. Пред да станам „пират“ работев во издавачката индустрија. Бев на чело на шведската филијала на нордиска издавачка компанија. Исто така јас сум и писателка, мојата прва новела е објавена во 2007 година. Пред „Партијата на пиратите“ не бев вклучена во ниту едно политичко движење, но отсекогаш ме интересирале човековите права и проблемите и прашањата поврзани со нив.

Сега сте лидер на „Партијата на пиратите“ во Шведска. Кажете ни нешто повеќе за основањето, целите и задачите на оваа партија?

Во главниот фокус на „Партијата на пиратите“ се човековиот интегритет, културата и знаењето. Овие области денес се раширени повеќе од било кога и мислам дека тоа е добро. Ние цврсто веруваме во основните човекови права. Веруваме дека секој од нас има право на приватен живот ослободен од следењето и надгледувањето од страна на државата. Веруваме дека нашата култура треба да биде споделувана, и затоа се залагаме за слободно споделување на работите се додека се за лична употреба. Исто така веруваме и дека знаењето треба да биде споделувано. Денеска, милиони луѓе од целиот свет страдаат за лекови затоа што патентирањето на истите ја направи медицината многу скапа.

Нашите задачи за во иднина се да направиме голема промена во однесувањето на луѓето и нивните ставови. Денеска голем број политичари гледаат на своите граѓани како на закана, а не како на потенцијални можности. Затоа тие ги злоупотребуваат новите технологии и постојано бараат начини да следат сето она што ние го правиме. Пример за тоа е регулативата на ЕУ наречена „Data Retention Directive“ (со која на интернет и телекомуникациските провајдери од земјите членки им се наложува да ги собираат и чуваат електронските податоци за нивните корисници и по потреба да ги дадат на располагање на полицијата и другите агенции н.з.). „Партијата на пиратите“ се обидува сето ова да го промени. Ние сакаме политичарите да ни веруваат повеќе и да ги согледаат и користат можностите и способностите на секој од нас посебно. Сакаме тие да ја користат, а не да ја злоупотребуваат новата технологија.

Која беше првата реакција на луѓето кога се појавивте на политичката сцена?

На почетокот луѓето сметаа дека сме малку чудни, што до некаде е нормално. Во Шведска ретко се појавуваат нови партии и секоја нова партија на почетокот се соочува со истите сомнежи од страна на луѓето.

Каква е денес популарноста на партијата?

Ние имаме околу 1% популарност од гласачкото тело во Шведска. Тоа не е многу, но секој ден добиваме се поголема поддршка за она што го работиме. На луѓето им треба време да видат кои сме и да се навикнат на нас. Да видат дека не сме се појавиле само на момент и потоа исчезнуваме.

Во 2009 година на изборите за пратеници на Европскиот парламент добивме 7% од гласовите и знаевме веќе дека имаме потенцијал. Само треба истиот да го пренесеме и на националните избори во секоја од земјите посебно. Шведските гласачи повеќе сакаат да гласаат за нови работи кога станува збор за ЕУ избори, а помалку за изборите во Шведска.

Кој е импактот од „Партијата на пиратите“  (во Шведска и во Европа)?

Можам да кажам дека нашата партија остави голем белег. Од формирањето во 2006 до денес се формирани повеќе од 50 ограноци во држави низ светот. Од нив посебно сакам да ја истакнам таа во Германија, како посебно успешна.

Можам слободно да кажам дека во Шведска значајно ја променивме политичката дебата и темите за кои се зборува. Во 2006 година ниту еден политичар не зборуваше за приватниот живот и личниот интегритет, а сега сите го прават тоа. Сега само уште треба да им објасниме што точно значи тоа и да започнат да гласаат и да се однесуваат во склад со она што го зборуваат. За да стигнеме до таму ќе треба многу труд и работа.

Како некој може да стане член на вашата партија? Може ли на пример некој од Македонија да се зачлени?

Најдобро би било кога оној кој сака да се зачлени основа огранок во земјата од која доаѓа. Но, секако секој може да се зачлени и во „Партијата на пиратите“ во Шведска. Веќе имаме неколку членови од други земји.

ACTA – кое е вашето мислење и што треба да се направи за да се запре?

ACTA е нешто навистина лошо. Претставува проект на официјални претставници на ЕУ и лобистите од Холивуд и музичката индустрија, додека оние кои се избрани во Европскиот парламент се трудеа да останат надвор од тој договор, колку што беше можно повеќе. ACTA е лоша и заради можноста и условувањето интернет провајдерите да станат одговорни за сообраќајот кој поминува низ нив. Иако ова не е точно наведено така, сепак остава простор за таква интерпретација и тоа е навистина вознемирувачко.

Megaupload е минато, нема веќе торенти на Pirate Bay... дали размената на фајлови е нешто со што треба да се збогуваме?

Не. Размената на фајлови е тука и ќе остане тука. Можеби ќе се промени начинот, но нема да исчезне. Pirate Bay е сè уште активен, како и многу други сајтови. Но, за волја на вистината тие веќе и не се потребни. Денес истиот тој торент ќе го најдете и на Google. Она што е интересно е тоа што не видовме дека некој тргна „со дрва и камења“ по Google заради тоа. 

Лична порака за нашите читатели?

Немојте да мислите дека нема никаква корист од борбата против законите со кои се овозможува некако вид на следење и губење на приватноста или пак борбата против законите кои оневозможуваат слободно споделување на културата, знаењата и идеите. Борбата ќе биде тешка, но другата опција е едно многу нездраво општество во кое ќе треба да живееме сите ние. Затоа, продолжете со добрите дела и работа. На крајот победници ќе бидеме сите ние. 

 

Коментирај