Интервјуа

Интервју со Бранко Милутиновиќ, извршен директор на Nordeus - творците на Top Eleven

2. април 2012 - 10:53 | Гоце Постоловски

Top Eleven Football Manager е и официјално најпопуларната онлајн спортска игра во светот. Има вкупно 3.6 милиони активни играчи на месечно ниво, од кои 1,2  милиoни ја играат секој ден на веб, Android и iOS платформите. Она што е посебно интересно и инспиративно е тоа што оваа игра не е од Силиконската долина или пребогата софтверска компанија, туку од тим од млади и образовни професионалци кои што се здружија во компанијата Nordeus и од Србија го трасираат патот до светската слава. Веќе собраа голем број признанија и награди, а по тој повод разговаравме со еден од основачите и главен извршен директор – Бранко Милутиновиќ.

Ве молам претставете им се на нашите читатели

Бранко, еден од  53-те луѓе кои го сочинуваат Nordeus, и официјално најдобрата млада европска компанија за развој на игри.

Малку луѓе досега слушнале за Nordeus, но скоро сите знаат што е Top Eleven. Кажете ни нешто повеќе за развојот на компанијата и почетокот на создавањето на оваа игра?

Најверојатно брендот Top Eleven е попознат меѓу интернет корисниците, додека пак во светските стручни кругови Nordeus е многу посилно име и бренд. Се почна пред околу 3 години кога група пријатели која заедно студираа на белградскиот ЕТФ, а во тој период работеа во Копенхаген во Microsoft Development Center се решија да основаат компанија за развој на игри за интернет и мобилни платформи. Идејата од почеток ни беше самите да ги развиваме игрите, од идеја до финален производ, на сопствени платформи и технологии и сами да ги пласираме на пазарот. За да се опише сето она што се случуваше во следните три години требаат неколку страни текст, но она што е најважно – успеавме.

По што Top Eleven  се издвојува од конкуренцијата и како ги победивте брендовите како што е една ФИФА на пример?

Нашата уникатност се заснова на нашата иновативност и способноста да испорачаме висок квалитет. Nordeus уште на почетокот беше концепиран да биде компанија која форсира креативност и бескомпромисен квалитет. Top Eleven ( но и игрите кои моментално ги развиваме) се базира на една од најдобрите софтверски платформи за cross platform gaming, која претставува наша интелектуална сопственост и овозможува скалабилност и real time competitive multiplay на сите платформи, нешто што први во свет успеавме да го постигнеме, за што добивме признанија од целата светска стручна јавност. Покрај тоа, за игрите како производ е многу важно и самото искуство на играње, т.е. „гејмплејот“. Исклучително внимаваме на корисниците да им пружиме што е можно повеќе предизвици и забава, бидејќи луѓето играат игри затоа што сакаат, не затоа што мораат. Фактот дека Top Eleven има „styckyness ratio“ од 33% (еден од најголемите во цела индустрија) е добра потврда за она што го работиме.

Кога започнавте, ама искрено, дали се надевавте на овој успех?

Искрено – да J Она што не го знаевме е дека ќе биде потребно труд, работа и време многу повеќе отколку што можевме да замислиме за да стигнеме до него.

Колку луѓе сега работат во Nordeus? И што е уште поважно, на што работат овие луѓе?

Во овој момент сме 53, но секојдневно ни се приклучуваат најталентираните млади луѓе од регионов, а од скоро и од другите континенти. Се работи за различни профили на луѓе, од софтверски инженери до социолог. Она што ни е заедничко на сите е дека сите сме млади (просекот е околу 25, а нема постар од 29 години), спремни и способни за да го промениме светот.

Што е следно што можеме да очекуваме од Top Eleven или од некои нови наслови?

За жал не можам да откривам многу бидејќи индустријата е премногу компетитивна, но она што можам да го кажам е дека нашите сегашни и идни корисници во следните месеци и години ги чека цел куп новитети, како во Top Eleven, така и надвор од него. Остануваме верни на визијата да развиваме игри кои го менуваат светот и доминираат во своите категории на сите платформи.

Една од причините за ова интервју е наградата People’s Choices во Лондон за најдобар европски старт-ап. Моите честитки за тоа. Кажете ни какво е чувството да се биде најдобар во Европа денес , кога секојдневно се појавува нешто ново и секојдневно некој „измислува“ нешто?

Ви благодарам многу за честитките. Чувството е едноставно феноменално бидејќи наградата дојде како последица на многу вложен труд и многу одрекувања на голем број сјајни млади луѓе. За жал најверојатно ова ни е последна „старт-ап“ награда бидејќи во секоја смисла веќе сме стабилна компанија и константна на европската и светска гејминг сцена.

Ако не се лажам ова не е ваша прва награда?

Во право си :) Во 2011 година ја освоивме наградата за најдобра млада европска компанија за развој на игри, а сместени сме помеѓу 25-те најперспективни европски high-tech компании. Посебно сме горди што сме прва компанија од Југоисточна Европа која успеала да влезе во ова елитно друштво и веруваме дека во иднина ќе бидат многу повеќе. Некој мораше да го пробие ледот.

Каква е состојбата со пристап до средства за младите компании кои имаат доби идеи и сакаат истите да ги преточат во добри производи. Која е „тајната на успехот“?

Собирањето на инвестиции и успехот немаат толку заеднички точки, колку што мислат голем број на луѓе. Не постои тајна за успех во некој формален облик, но она што помага е да соберете тим од квалитетни луѓе, кои се одлучни и подготвени за големи дела. Потоа треба на тоа се додаде многу работа и одрекувања (многу повеќе отколку што многу луѓе се спремни да прифатат). Парите, т.е. инвестицијата зависи од самиот бизнис модел, односно дали и колку пари се потребни за производот и услугата да почне да создава приход кој би бил доволен за понатамошен живот и раст на компанијата. На луѓето во регионот им препорачувам да се обидат да развијат идеи кои не побаруваат огромни буџети, барем не на почеток. Сега од оваа перспектива знаеме дека пари има и може да се дојде до инвестиција, но тоа е меч со две острици.

Што би им порачале на читателите на Kajgana.com?

Се најдобро на сите добри луѓе. Имам многу пријатели во Македонија, знам дека го читаат порталот Кајгана за кој имаат само пофални зборови и во оваа прилика сакам да ги поздравам сите нив :)

Коментирај