Интервјуа
Заштитете ја својата и почитувајте ја туѓата приватност

Интервју со Димитар Ѓеорѓиевски, Директор на Дирекција за заштита на личните податоци

27. декември 2011 - 12:51 | Гоце Постоловски

Личниот податок е нешто што е важно, но на неговата заштита и чување му обрнуваме малку или воопшто не обрнуваме внимание. На социјалните мрежи, на интернет, па и во „оф-лајн“ живототот постојат многу сценарија во кои некој може да ви ги искористи овие податоци и да ви наштети и тоа на многу нивоа. За важноста на личните податоци разговаравме со најповиканите за таа проблематика кај нас - Дирекција за заштита на личните податоци, а наш соговорник беше нејзиниот прв човек г-дин Димитар Ѓеорѓиевски.

Кажете ни нешто повеќе за институцијата која ја претставувате. Кога е формирана, кои се основните цели и задачи?

Дирекцијата е основана на 22 јуни 2005 година како самостоен и независен орган со својство на правно лице, а која е единствен орган во нашата земја кој е одговорен за спроведувањето на Законот за заштита на личните податоци. Со донесувањето на Законот за заштита на личните податоци во 2005 година и со основањето на Дирекцијата, во нашата земја практично се воспостави законска и институционална рамка за заштита на личните податоци и со тоа се овозможи имплементацијата на една од вредностите на Европската Унија што подразбира вклучување на правото на приватност на граѓаните и заштита на личните податоци во нашиот правен систем. Дирекцијата има улога да обезбеди транспарентност и информираност на граѓаните во Република Македонија за правото на заштита на личните податоци, но и да врши инспекциски надзор, да ја цени законитоста на обработката на личните податоци и да обезбеди заштита на правото на граѓаните од било какви злоупотреби. Нашата визија е од контролорите, обработувачите и целокупната јавност да бидеме препознаени како арбитор кој испорачува висок квалитет во заштитата на личните податоци и одговорен субјект кој располага со обучен персонал за носење на навремени и релевантни одлуки  за исполнување на поставените цели како и за исполнување на поставените цели.

Пред да започнеме со поконкретни прашања, може ли да дефинирате што е тоа личен податок?

Личен податок е секоја информација која го разликува едно физичко лице од друго по основ на пол, етничко потекло, политичко, верско, филозофско уверување, членство во синдикална организација, здравствени, генетски и биометриски податоци. Законот за заштита на личните податоци ги заштитува само правата на физички лица - на поединецот, што значи правните лица немаат право на приватност. Покрај името и презимето, матичниот број на граѓанинот и адресата на живеење, личен податок е и полот, семејната состојба, телефонскиот број, видот и степенот на образование, занимањето, псевдонимот, биометриските и генетски податоци и сите останати податаоци кои доведени во меѓусебна корелација можат да извршат директна или индиректна идентификација на конкретно лице.

На кое ниво е свесноста кај Македонците за важноста за заштитата на личните податоци?

Иако правото на заштита на личните податоци е уставна категорија и основно човеково право, практиката покажува дека поголемиот број на повреди на ова право се резултат на недоволно развиена јавна свест и непознавањето на основните начела за заштита на личните податоци. Сè уште постои недоволно развиена свест кај помладата популација за опасноста од злоупотреба на нивните лични податоци, особено во однос на податоците кои ги споделуваат на порталите за социјално вмрежување.

Што презема Дирекцијата  за зголемување на таа свесност и подобрување на севкупната состојба на ова поле?

Издигнувањето на јавната свест и чувството на постоење и негување на правото на приватност и заштита на личните податоци кај граѓаните и кај контролорите, како и зголемувањето на ефикасноста на примената на одредбите и начелата за заштита на личните податоци се едни од главните приоритети во работењето на Дирекцијата. Всушност тоа е и главната цел и воопшто надлежност што го оправдува постоењето на оваа институција. Покрај реализацијата на со закон утврдените мерки и активности за промоција на ова право, како што се инспекциските надзори, ние се посветуваме и на превенција во имплементацијата на прописите од областа за што имаме редовни термини во два медиуми, еден електронски и еден печатен каде на неделна основа ги информираме граѓаните за најактуелните прашања од пбласта на заштитата на личните податоци, а се разбира секогаш сме отворени за прашањата на новинарите кои многу често се во улога на наши партнери во работењето, бидејќи често се случува токму од Вас да дознаеме за некоја состојба. Исто така, веб-страната на Дирекцијата е креирана во насока да обезбеди лесен пристап до информациите за граѓаните за заштита на нивното право на заштита на личните податоци (http://www.dzlp.mk). Секако, тука се и публикациите, изданијата и препораките на Дирекцијата кои се во функција за јакнење на свеста на граѓаните, но и на контролорите од различни области за ова фундаментално право.   Покрај тоа, континуирано организираме обуки и едукации за контролорите со цел олеснување на примената на Законот.

Бидејќи ова интервју го правиме за т.н. ГИК секција на Кајгана, ќе продолжиме со прашања поврзани со компјутерите и посебно интернетот. Кажете дали по нешто се разликува дефиницијата за личен податок на интернет?

Не постои разлика во дефинирањето на личните податоци во дигиталниот и во реалниот свет. Ова особено затоа што дигиталниот свет станува се повеќе наша реалност. Воспоставените правила во реалниот свет, едноставно мора да се применуваат и во дигиталниот свет.  

Факт е дека компаниите ги користат личните е-маил адреси на многу луѓе кои ги добиваат на секаков начин. Дали луѓето се жалат кај вас за примање на несакани пораки – спам?

Во Дирекцијата многу ретко стигнуваат претставки од граѓани кои се однесуваат на спам пораките. Можеби спамот не претставува проблем доколку во електронската пошта се добиваат по неколку несакани пораки, кои лесно можат да се избришат. Меѓутоа, проблем е кога таквата ситуација се повторува секојдневно со голем број на пораки и тешко е да се разликува потребната е-пошта од несаканата.

Што да преземат доколку добиваат такви пораки?

Иако немаме голем број претставки за спам, секогаш е добро да се дадат препораки за тоа кои се начините да се заштитиме од спам. Најчесто потребна е нивна комбинација за да се постигне саканиот ефект. Некои од овие препораки се:

  • Не ја објавувајте ја јавно Вашата и-меил адреса онаму каде што навистина нема потреба за тоа.
  • Доколку се прегледуваат веб - содржини кои нудат бесплатни услуги, тогаш најдобро е да не се претплатувате на нивната листа на адреси на која Ве известуваат за новите производи. Доколку тоа сакате да го направите, тогаш најдобро е да отворите нова е-пошта која ќе ја користите во вакви ситуации, а службената е-пошта користете ја внимателно.
  • Во најголем број од спам пораките постои упатство за одјава од листа на адреси (mailing list) и со тоа повеќе да не добивате несакани пораки. Најчесто, доколку ги следите упатствата на препораките - доколку се обидете на тој начин да се одјавите од спамерската листа, може да  постигнете спротивен ефект.
  • Направете филтер во Вашата програма за читање на е-поштата и пренасочувајте ги е-поштите (потенцијални спамови), во посебен фолдер.

А како пак, од друга страна, компаниите да дојдат до вистинските потенцијални клиенти кои се заинтересирани и сакаат да добиваат промоции за некој производ или услуга? Може ли да ги посоветувате како на вистински начин да го направат е-маил маркетингот?

Директниот маркетинг најчесто се дефинира како „Испраќање на промотивни материјали или пораки директно до потрошувачите, наместо тоа да се прави преку некој масовен медиум, вклучувајќи ги тука методите како директно испраќање на електронска пошта. Предностите на директниот маркетинг не може да се негираат, напротив, треба да се поддржи развојот на интернет рекламирањето. Но, при користењето на директниот маркетинг како средство за рекламирање треба да се внимава да не се повреди приватноста на граѓаните. Најчесто тоа се случува со формирање на збирки на лични податоци кои содржат одредени карактеристики на лицата, како што се возраста, полот, имотната состојба, потрошувачките навики. Поседувањето на лични податоци за лицата без нивна согласност и нивно користење за комерцијални цели е спротивно на Законот за заштита на лични податоци.

За да ги користат личните податоци на граѓаните за комерцијални цели, компаниите мора пред се да обезбедат изречна согласнот за тоа. Исто така, субјектот на личните податоци има право во секое време да ја повлече својата согласност за користење на истите (т.н. „opt-out„ принцип), со користење на едноставни средства.

Уште на кратко за социјалните мрежи. Дали кај нас започна она што е тренд во светот – кражба на он-лајн идентитетот и претставување во туѓе име? Дали постапувате во вакви случаи и кој е трендот?

Растот на информациските и комуникациските технологии со себе носи и поголема можност за злоупотреба на правото на приватност и заштита на личните податоци. Голем е бројот на претставки на граѓани кои пристигаат во Дирекцијата, а кои се однесуваат на крадење на идентитети или претставување во туѓо име на порталите за социјално вмрежување, објавување фотографии и видео материјали без согласност на лицето кое се наоѓа на фотографијата, односно видео материјалот, злоупотреба на лозинка на профили и електронски адреси. Важно е да се напомене дека Дирекцијата единстевно постапува за злоупотреби на лични податоци чија што обработка се врши на територијата на Република Македонија, односно чиј што контролор има претставник во Република Македонија. Иако надлежноста на Дирекцијата е само над контролорите во Република Македонија, во случаи на злоупотреба на личните податоци на интернет Дирекцијата секогаш се обидува колку што може да им помогне на граѓаните со тоа што контактира со администрацијата на веб страниците каде што е сторена повредата и од нив бара блокирање на спорните и-меил адреси или сметки на некој портал, веб страница или блог платформа. 

За крај некоја новогодишна порака за нашите читатели?

Освен моите најискрени желби за успешна и среќна 2012 година, би сакал да ги потсетам граѓаните на неколку важни работи кога станува збор за користењето на интернетот и потенцијалните опасности по нашата приватност:

- Размислете добро пред да ги објавите своите лични податоци (особено името и презимето, адресата и телефонскиот број) на порталите за социјална интеракција

- Почитувајте ја приватноста на другите. Бидете особено внимателни со објавувањето на лични податоци или информации кои се однесуваат на друго лице (како и фотографии или линкови до фотографии) без негова согласност

- Информирајте се! Кој управува со сервисот кој го користите? Под надлежност на која земја спаѓа? Дали Ви се понудени опции за заштита на Вашите лични податоци?

- Користете ги сите достапни поставки (settings) за уредување на политиката на приватност на веб страницата. Ограничениот пристап до Вашиот профил треба да Ви биде понуден, особено кога станува збор за опцијата за пребарување.

- Користете различни податоци за идентификација на интернет. Корисничките имиња и лозинки е пожелно да бидат различни на различни веб страници.

- Внимавајте на тоа како Вашите деца го користат интернетот особено кога станува збор за портали за социјална интеракција бидејќи се што ќе оставиме како податок на некоја социјална мрежа станува “јавна тајна”.

Коментирај