Интервјуа

Интервју со Доц. Д-р. Гоце Арменски – KupiKniga.mk

4. јуни 2012 - 23:49 | Гоце Постоловски

Во ова денешно време на интернет и инстантно добивање информации и податоци за една секунда, читањето книги се чини како нелогично долга работа која што може да се заврши за кратко време. Но, не се информациите се што има во книгите. Стиловите на пишување, жанровите и приказните кои ги има во книгите, вистински можат да се доживеат само ако се прочита таа книга. Затоа треба да се најде начин како да се искористи интернетот и да се овозможи на младите да дојдат до книга, повторно да ја откријат убавината на читањето и квалитетот на пишаниот збор. За таа цел, нашиот соговорник Доц. Д-р. Гоце Арменски, заедно со неговите соработници го креираа сајтот KupiKniga.mk – македонска онлајн продавница за книги на која секој може брзо и лесно да ја најде саканата книга, веднаш да ја нарача и добие по пошта, без разлика каде во светот се наоѓа. Во продолжение прочитајте од прва рака што нуди и кои се идните планови за KupiKniga.mk.

Ве молам претставете им се на нашите читатели. Кој е Гоце Арменски и која е неговата улога во проектот kupikniga.mk?

Како доцент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ, најголемата образовна институција од областа на информатичките технологии во Република Македонија, веќе долги години ги предавам, анализирам и истражувам современите трендови на интернет. Во изминатите десетина години имав привилегија да бидам дел од многу меѓународни проекти водени и финансирани од Европската Унија, Владата на САД, УСАИД, УНДП и други видни институции, во кои се стекнав со огромно знаење и искуство, особено во областа на веб технологиите. Со големо задоволство им го пренесувам тоа искуство на студентите, но посебно ме мотивира кога тоа знаење ќе го применам за решавање на реален проблем во општеството и кога од тоа ќе произлезе конкретен производ или услуга.

Како еден од сопствениците на компанијата иВоте д.о.о, јас сум еден од носителите на идејата за проектот КupiКniga.mk. Веќе неколку месеци работиме со еден добар тим на инженери во реализација на замислените идеи, кои се надеваме дека ќе резултираат со приближување на книгата до граѓаните, особено преку поедноставување на пристапот до бараните наслови на различни јазици од регионот и од светот.

Од каде идејата за вакво нешто? Или поточно од каде храброста, кога кај нас е општо познато дека книгите не се прв избор на младите? Или можеби грешам?

Статистичките податоци кои може да се најдат од официјални извори, како и оние кои се резултат на разни истражувања на пазарот, се доста конфузни и непрецизни кога станува збор за книгите и читањето во Република Македонија. На пример, од информациите кои може да се видат од извештајот објавен од државниот завод за статистика, јасно се гледа дека издаваштвото драстично се намалува во последните години, што значи дека бројот на наслови достапни на граѓаните на македонски јазик драстично опаѓа. Од друга страна пак, во едно неодамнешно истражување на пазарот се вели дека Македонците читаат повеќе и од граѓаните на Хрватска и од граѓаните на Србија

КупиКнига е резултат на една анализа која иницијално покажа дека книгата генерално не е достапна во секојдневниот живот за македонските граѓани. Фактите се дека од една страна бројот на македонски наслови се намалува од година во година, додека насловите на јазиците од нашето опкружување и оние на англиски јазик исто така се исклучително тешко достапни.

Ние како тим веруваме дека младите во Македонија, и општо сите граѓани, сакаат да прочитаат добра книга, но истата треба да им стане лесно достапна. Изборот на книги треба да биде голем и да биде составен од нови и актуелни наслови. Тое е и главната цел на КупиКнига, на едно место на македонските граѓани да им ги понудиме сите изданија од македонските издавачи, како и од издавачите во регионот.

Со колку наслови почнавте, каква е ситуацијата денес? И каков е интересот, некои бројки ако може за потврда на моменталната состојба?

Започнавме со околу 800 наслови. Во овој момент имаме над 3.000 наслови (од кои најголемиот дел се на македонски јазик) и оваа бројка вртоглаво расте. За само 6 недели успеавме да постигнеме бројка од над 1.000 регистрирани верни читатели од сите градови во Република Македонија. Секој ден на нашиот портал имаме интеракција со над 400 посетители со над 3.000 прегледани страници. Можеби овие бројки би биле скромни за информативен портал како вашиот, но имајте на ум дека КupiКniga.mk е портал за продажба на книги.

Колку издавачи имате во база и кои се условите за некој издавач да може да продава преку kupikniga.mk?

Главната активност во претходните 6-8 недели ни беше да ги комплетираме и анимираме македонските издавачи. Можам сега слободно да кажам дека ја постигнавме таа цел. Над 80% од македонските издавачи кои издаваат над 95% од насловите во Република Македонија се присутни на нашиот портал. Очекувам да стигнеме до бројката од 100% во наредниот месец, со што ќе можеме и официјално да кажеме дека посетителите на нашиот портал ќе можат да најдат се што постои како наслов од македонски издавачи.

Што се однесува до издавачите, нема никакви посебни барања и секој издавач е добредојден да ги понуди своите изданија преку нашиот портал. Секое издание кое ќе биде понудено треба да биде убаво опишано и да ги содржи сите информации кои го идентификуваат тоа издание (ИСБН број, број на страници, автор итн). Ја користам оваа прилика да ги повикаме сите оние издавачи кои во овој момент не ги понудиле своите изданија на нашиот портал да не контактираат за да им помогнеме да го направат истото.

Кои се погодностите за купувачите?

Погодностите за купувачите се многубројни. Првата огромна предност е што на едно место, на прегледен и едноставен начин може да ги најдат сите изданија од македонските издавачи (а во иднина и од издавачите од регионот). Во овој момент тоа не е случај со нашите книжарници, на пример. Не постои книжарница во Македонија која ги нуди сите изданија од сите македонски издавачи. Не само што кај нас може да ги најдат изданијата и да прелистаат делови од нив, туку може и помеѓу себе да разменат искуства и коментари за насловите кои ги прочитале.

Втората предност која би ја напоменал е испораката низ цела Македонија (од неодамна и низ целиот свет), со што на љубителите на пишаниот збор кои живеат во внатрешноста на Македонија, како и на нашата дијаспора, им го нудиме задоволството да можат да прегледаат, коментираат, нарачаат и добијат во својот дом се она што го нудиме на нашиот портал.

 Цените се исти како во книжара или...?

Се трудиме со сите издавачи да договориме цена иста како и во нивните книжари. Со некои од нив отидовме и малку подалеку, и ја воведовме опцијата која ја нарековме „Гарантирано најниска цена“. За оние изданија на нашиот портал на кои стои ознаката за „Гарантирано најниска цена“, им гарантираме на посетителите дека нема да најдат пониска цена од таа која е објавена, во ниедна книжарница во Македонија. Како гаранција, доколку посетителите успеат да најдат пониска цена од објавената, им ја враќаме разликата и им доделуваме една книга како подарок.

Стратешки, во иднина ќе инсистираме заедно со издавачите на што повеќе наслови кои се објавени на нашиот портал да ја додадеме опцијата за „Гарантирано најниска цена“, со што на посетителите ќе им овозможиме не само место на кое ќе можат да ги најдат сите македонски изданија, туку и место каде што тие изданија ќе може да ги најдат по најефтина цена.

Каква е ситуацијата со испораката? Колку чини и до каде се испорачувате и на кој начин?

Можам да кажам дека испораката ни беше најголемиот предизвик во реализацијата на идејата. После долги анализи и преговарања, на нашите членови им нудиме неколку опции. Испораката низ Македонија чини 99 денари со вклучен ддв со препорачана пошта или 195 денари со вклучен ддв за брза испорака . За секоја нарачка над 990 денари, испораката низ цела Македонија е бесплатна.

Испорака низ целиот свет започнува од 14 евра со со препорачана пошта, или членовите можат да изберат експресна испорака со ДХЛ било каде во светот од 29 евра. Сакам да напоменам дека ние субвенционираме дел од овие цени за да испораката биде со прифатлива цена. 

Што се купува најмногу? Кој жанр е најпопуларен денеска кај македонските читатели?

Од досегашното искуство и анализата на нарачките може да се забележи дека читателите најмногу купуваат белетристика, бизнис книги и детски книги. Изненадувачки позитивен е и интересот за стручна литература и енциклопедии кои многу тешко може да се најдат низ книжарниците.

Дали размислувате за продажба на е-книги или ќе останете само посредници и промотори на печатените изданија на издавачите?

Тимот на КупиКнига уште на самиот почеток на проектот имаше интересни идеи од кои само еден дел се во моментов реализирани. На пример, на почетокот ја немавме опцијата „Прелистај“, која на корисниците им овозможува да прочитаат неколку страници од книгата. Истата опција и неколку други слични на неа се сега овозможени. Во овој момент подготвуваме неколку интересни дополнителни функционалности кои набрзо ќе ги претставиме на нашите членови.

Бидејќи знаеме дека е-книгите се иднината, секако дека размислуваме и во таа насока. Без да откривам многу детали, можам да кажам дека ќе ги изненадиме читателите со нешто интересно во блиска иднина.

Кои се плановите за во иднина и дали и вие како Амазон ќе преминете од книга, па се до локомотива? :)

Во овој момент сме концентрирани на книги и сакам да најавам дека многу брзо на нашиот портал ќе се најдат насловите на издавачите од нашите соседни земји (Србија, Албанија, Хрватска), со што на нашите корисници ќе им понудиме литература на неколку јазици (српски, албански, хрватски и англиски).

Сепак, размислуваме и за други производи. Во тек се анализи кои ќе ни дадат појасна слика за тоа што е она што недостасува и што најмногу се бара од корисниците.

Што kupikniga.mk би им порачала на читателите на Кајгана?

Би им препорачал да го посетат нашиот портал, бидејќи сум убеден дека секој може на него да најде наслов кој е интересен за него/неа, да го прошири своето знаење од одредена област или едноставно да ужива во времето поминато со некоја книга. Нека се уверат во нашето мото “Омилените книги по извонредни цени”.

Коментирај