Интервјуа
„Не прифаќајте помалку од најдоброто“

Интервју со Др. Вања Јосифовски: Од IBM, преку Yahoo, до Google и Стенфорд

28. мај 2012 - 13:01 | Гоце Постоловски

IBM, Google и Yahoo се компании кои што ги знаеме сите. Нивните продукти и услуги, пред да дојдат до нас или нашите компјутери, се развиваат години и зад нив стојат едни од најискусните и најпаметните луѓе од одредени области во светот. Еден од нив е и Др. Вања Јосифовски, научник и инженер кој што работел или работи во сите погоре споменати компании, кој предава на Стенфорд и учествува во креирањето на корисничкото искуство на интернет и максималното искористување на неговите капацитети од страна на компаниите преку таргетирано рекламирање. Ја имавме честа и задоволството да поразговараме со овој научник, кој за Кајгана го даде следното ексклузивно интервју.

Во кратки црти, кој е Вања Јосифовски, професионално пред се?

Јас сум научник и инженер кој бара професионални предизвици во разни области од компјутерските науки поврзани со апликации кои имаат влијание врз голем број на интернет корисници.

Да почнеме од почеток, прво академската наобразба. Накратко за тоа каде се едуциравте и како резултат на тоа кои академски титули ги стекнавте?

Дипломирав на факултетот за електротехника и компјутерски науки во Љубљана, Словенија. За време на студиите, заедно со неколку други студенти од Македонија работев на институтот „Јозеф Стефан“ каде што имаше група врвни професори. По дипломирањето, добив стипендија за докторат на University of Florida во Gainsville, во лабораториите на Др. Стенли Су – еден од ветераните во полето на бази на податоци. Во Gainsville поминав две години и магистрирав со полето на објектно-ориентирани „query“ јазици. За време на студиите се запознав со доста достигнувања во полето на дистрибуирани бази на податоци и бидејќи сакав да продолжам да работам во таа област се префрлив на универзитетот во Линкопинг, Шведска во групата на професор Торе Рич (Tore Risch) кој штотуку беше вратен од САД каде што се усовршувал на Стенфорд и во Хјулит Пакард. Во Линкопинг докторирав и веднаш добив позиција на доцент во Универзитетот во Упсала каде предавав една година пред да се вратам во САД.  

Во вашето богато CV има две компании за кои сме слушнале сите – IBM и Yahoo, а од неодамна и трета која е попозната и од овие две. Да почнеме од првата - IBM. Од и до кога бевте таму, на што работевте и што би издвоиле како значајно од тој период?

Во IBM дојдов во 2000-та година, неколку месеци пред распрскувањето на dot.com меурот. IBM е голема компанија, во вистинска смисла „конгломерат“. Јас работев во нивното одделение за истражување на западниот брег од САД во „Almadeb Research Center“. IBM е една од првите компании во светот што воспостави такви истражувачки групи (пред повеќе од 60 години), а јас бев дел од групата што работи со бази на податоци, За мене, добивање на позиција во овој Центар беше клучен момент во кариерата бидејќи оваа група е една од пореномираните и местото каде што се пронајдени релациските бази на податоци и SQL, Јас работев во federated databases, потоа преминав на процесирање на вон-релациски податоци и XML и на крај се префрлив во секторот каде што се истражуваа системи за индексирање на документи за пребарување со текстуални фрази (query). Ова ме приближи до интернет пребарувањето бидејќи методите за индексирање и пребарување се доста слични.

Во 2005 преминувате во Yahoo. Зошто се одлучивте за трансфер и зошто баш оваа компанија?

Yahoo во тоа време работеше на веб пребарување и иако она што го работев претходно, а се однесуваше на пребарување во рамките на еден систем, сепак обемот на податоци на интернет е многу поголем и веб пребарувањето е поголем предизвик.  Но, веднаш после доаѓањето во Yahoo сфатив дека интернет маркетингот е уште помалку истражен и почнав да работам на формализирање на тие проблеми во некоја научна рамка.

Кои беа  вашите обврски и задолженија, со кои поголеми предизвици се справувавте таму?

Во Yahoo мојата работа беше поделена во два дела. Научната работа се состоеше во работење на трудови за конференции во областа на информациско пребарување, дата мајнинг, машинско учење итн. Покрај ова, јас водев тим кој изгради 3 платформи за интернет маркетинг во Yahoo. Ваквите платформи се многу интересни софтверски системи кои дневно опслужуваат стотици милиони корисници и работат со неколку милијарди барања на кои мора да се одговори за помалку од 30 милисекунди. Целиот еко-систем генерира стотици терабајти на податоци на ден кои се процесираат за да се искористат во селекцијата на реклами. Секоја ваква платформа работи на стотици илјади процесори. Гледано од овој аспект, интернет компаниите како Yahoo овозможуваат да се работи на, веројатно, најголемите колекции на податоци, сметано во било која индустрија денес.

Кои „скалила“ ги поминувавте во Yahoo и од која позиција си заминавте од компанијата?

Во Yahoo бев 6 години и стигнав до ранг Senior Director of Research and Head of Computational Advertising Group.

Следна станица – Google?

Да, од неодамна сум во Google и сè уште разгледувам повеќе проекти од  областа на User modeling и онлајн рекламирање. Денес, Google е голема компанија со зрелост и капацитет да организира и искористи поголеми истражувачки групи во какви јас имам работено претходно. Исто така, Google овозможува пристап до голема база на податоци од корисници, која може да се искористи за подобрување на скоро милијарда корисници кои доаѓаат буквално од секое делче на светот.

Вие сте и професор на познатиот универзитет Стенфорд. Што предавате таму?

На  Стенфорд сум вонреден професор и предавам предмет од областа на онлајн рекламирањето. Предметот го држам 4 години, обично во есенскиот семестар. Со студентите дискутираме за тоа како се градат системи за онлајн реклами, кои се предизвиците, математички формулации на селектирањето на реклами со факторизации на матрици итн. Предметот покрива теми од доста области од компјутерските науки – од градење на системи со многу мал „период на одговор (response time)“ па се до машинско учење, дата мајнинг и интернет економија. Предметот го предавам заедно со уште еден колега.

Како истражувач и пронаоѓач, зад вашето име стојат 13 патенти и неколку десетина од нив во кои имате свое учество. Какви се тие патенти, можете ли да ни презентирате некој кој посебно се издвојува?

Да, имам објавено 13 патенти и предадено околу 50 апликации копи треба да се решат, а тоа понекогаш трае и по 10-тина години. Од патентите кои се веќе прифатени најголем дел се од областа на базите на податоци, cloud базираното компјутерство и онлајн рекламирањето.

Ваша лична порака до нашите читатели?

Во однос на научната работа, важно е што и да правите, обидете се тоа да го направите во „светска класа“. Исто како во фудбалот, каде што сите ги знаат играчите и тимовите од светски ранг, така и во научната работа се познати луѓето и конференциите кои се во т.н. светска класа. Овие конференции обично се доста селективни, повеќето се со помалку од 20% процент на објавени трудови и таму објавуваат само најдобрите експерти од реномирани универзитети и компании. Секој заинтересиран во компјутерските науки треба да се стреми да го достигне тоа ниво, кариерата е прекратка за кратенки низ помалку важни конференции и проекти. Исто важи и за инженерингот – сите што се стремат за високи дострели треба да размислуваат за проектите кои досега никој не ги решил. Интернет компаниите како Google, Facebook и Yahoo се примери за места каде што сеуште има многу нерешени проблеми кои чекаат мудри глави.

Коментирај