Интервјуа
„Википедијанци, ви благодарам“

Интервју со Џеј Волш - Head of Communications, Wikimedia Foundation

30. април 2012 - 14:35 | Гоце Постоловски

Wikipedia – кој не слушнал за неа тогаш најверојатно последните десетина години живеел на пуст остров без струја и допир со цивилизацијата. Тоа е поим за кој не треба да сте „гик“ за да знаете што значи. Тоа е локација која сакале или не еднаш сигурно сте ја посетиле, ако не друго затоа што Google ви ја дал како прва опција при пребарување бидејќи претпоставува дека таму ќе ја најдете точната информација.

Но, она што не го знаете и што не се гледа се илјадниците луѓе кои волонтерски секојдневно ја креираат и збогатуваат Wikipedia. За сите нив, како и за самиот проект разговаравме со Џеј Волш

(Jay Walsh) , главен за односи со јавноста на Wikimedia – фондацијата која стои зад Wikipedia и уште неколку нови и помалку познати, но не помалку интересни проекти.

Ве молам претставете им се на нашите читатели?

Јас сум на чело на одделот за комуникации на фондацијата Wikimedia, непрофитна организација која што стои зад Wikipedia и останатите „сестрински“ проекти. Одговорен сум за комуникацијата која ја имаат останатите со нашата фондација и блиску соработувам со илјадниците наши волонтери од цел свет за да помогнам заедно да ја раскажеме извонредната приказна за Wikipedia на медиумите, донаторите, партнерите и секој оној кој сака да дознае нешто повеќе за нас, а посебно на луѓето кои размислуваат да ни се придружат како волонтери на некој од нашите проекти.

Што претставува Wikipedia за вас? Мислам, сите знаеме што е, но верувам постои нешто што ние „од надвор“ не можеме да го видиме. Како вие „од прва рака“ би го опишале овој грандиозен проект?

За мене Wikipedia е еден извонреден акт на великодушност и споделување. Помалку е и неверојатно колку малку видлив е овој проект за милионите луѓе кои секојдневно го посетуваат нашиот сајт. Тие ја гледаат информацијата – информацијата која што ја барале и им била потребна, но она што не го гледаат се илјадниците луѓе, буквално од секој дел на светот, кои работат и соработуваат за да го овозможат тоа. 

Како непрофитна организација, како успевате да соберете средства за непречено работење? Ако не се лажам имавте такви некои проблеми минатата година?

Всушност и немавме некој проблем. Секоја година, околу ноември месец, поставуваме банери на врвот од секоја наша страница каде што ги замолуваме луѓето да донираат за Wikipedia, или поточно во фондацијата Wikimedia. Ги замолуваме на многу јазици и добиваме одлична повратна реакција. Минатата година собравме околу 23 милиони долари од околу милион донатори. Тоа е и всушност јадрото на нашиот буџет.

Колку волонтери работат на Wikipedia? Ако може некои бројки околу луѓето, написите и слично?

Имаме околу 85.000 „активни“ уредници - тоа се луѓе кои што уредуваат најмалку 5 текстови на Wikipedia месечно. Има околу 20 милиони статии, на 282 јазика. До сега има повеќе од 1 милијарда уредувања на тие текстови кои што допираат до милиони и милиони читатели секој ден. Ние сме петта најпосетувана интернет дестинација со скоро 500 милини различни посетители месечно, веднаш зад Google, Facebook, Microsoft и Yahoo.

Како ја контролирате валидноста и квалитетот на сите овие текстови? И како спречувате „себерекламирање“ (освен со тоа што назначувате дека е строго забрането според Правилата за користење)?

Токму тоа е секојдневната работа на нашите волонтери. Тие работат на ревизија на текстовите кои луѓето секојдневно ги објавуваат, како и измените кои ги прават, се со цел да се овозможи одржлив квалитет и истите да бидат доволно важни и препознатливи. Препознатливи значи да имаат одредена важност за светот и општеството и со самото тоа да заслужуваат да бидат дел од Wikipedia. Нашата заедници има строги насоки и правила во врска со конфликтот на интереси и неутралноста. Токму нашите волонтери се оние кои  што спречуваат вандализам и злоупотреба на нашиот проект. Никој од нив не е платен за тоа, се е на волонтерска база.  

Можам да кажам дека Wikipedia на македонски не само што постои туку е и доста активна. Кој е процесот да се создаде некоја локална Wikipedia заедница и како таа се вклопува во глобалната организација?

Ние имаме „Википедијанци“ низ целиот свет кои, како што кажав, пишуваат и едитираат на повеќе од 280 јазици. Она што е потребно за некои Википедијанци да почнат да објавуваат на својот јазик е навистина едноставен процес. Најчесто предуслов е концентрација на одреден број активни корисници на интернет од еден регион кои зборуваат на еден јазик, и доколку тој јазик не е поддржан од Wikipedia во тој момент тие ги контактираат организаторите на глобалниот проект и предлагаат Wikipedia на нивниот јазик. Параметрите или условите се навистина едноставни – треба да има доволен број на активни корисници кои ќе го придвижуваат проектот и што е уште поважно - ќе го штитат од вандализам. Во некои региони нашите волонтери се групираат и во т.н Wikipedia chapter-и, а такви досега има триесетина. Овие chapter-и заедно со Википедијанците од својата околина организираат активност во „реалниот свет“ во обид да регрутираат нови уредници и да ја зголемат свесноста за проектот кај луѓето.  

Ние  сме движење со специфична структура  така што стартувањето на проектите и креирањето на chapter-ите едноставно започнува кога ќе се соберат доволно луѓе и ќе решат да го реализираат тоа. 

Дали во оваа прилика би сакале да им порачате нешто на луѓето во Македонија кои што работат на креирање, едитирање и локализација на содржините на Wikipedia?

Најважната порака до нив би била – „Ви благодарам“. Ние секогаш сакаме да им оддадеме признание на нашите волонтери секаде во светот. Најчесто тие таа порака ја добиваат преку локалните проекти на кои работат, но секако ние сакаме да ја споделиме и рашириме нашата почит кон тоа што го прават. Истовремено сакаме да охрабриме се повеќе луѓе да се вклучат. Секогаш се потребни нови волонтери и колку повеќе луѓе се вклучат, толку подобро. 

Што следно можеме да очекуваме од Wikipedia? Кои се вашите цели кон кои се стремите во иднина и кога можете да кажете – „ете тоа е тоа“?

Целите на Фондацијата кои треба да ги реализираме до 2015 година се следните:

  • Да го зголемиме бројот на луѓето кои не читаат на 1 милијарда.
  • Да го зголемиме бројот на текстови во Wikipedia на 50 милиони.
  • Да го осигуриме квалитетот на информациите што ги нудиме со тоа што ќе го зголемиме процентот на материјалите кои ги сметаме за висококвалитетни за 25%.
  • Да ги охрабриме читателите да се вклучат и да бидат уредници со што бројот на оние кои што уредуваат повеќе од 5 текстови месечно ќе ја прејде границата од 200.000.
  • Да ја поддржиме различноста со зголемување на бројот на уредниците од женски пол на 25%, како и да го зголемиме бројот на уредниците кои доаѓаат од помалку развиените земји на 37%.

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за другите проекти на фондацијата Wikimedia? На пример, кој проект Ви е лично Вам омилен како и некој за кој мислите дека ќе биде „следното големо нешто“?

Сите наши проекти се интересни, но заедничкото на повеќето од нив е дека го прават она што самата енциклопедија го нема во себе: речници, поимници, складирање на слободни текстови врз кои нема авторски права (како Библијата на пример) и т.н. Покрај Wikipedia, можам да кажам дека мене омилен ми е Wikimedia Commons. Тој обединува повеќе од 10 милиони медиа фајлови кои се слободни за користење и дистрибуција – слики, видеа, илустрации итн. Сите слики кои што се користат во Wikipedia се складирани таму.

Следното големо нешто? Никогаш не знаеме! Следното големо нешто, ако зборуваме за она што ние сакаме да го постигнеме, е да ја направиме Wikipedia полесна за користење преку ангажирање на нови луѓе кои ќе работат на неа. Тоа е голем предизвик, но доколку успееме во тоа, тоа значи дека ќе имаме огромна и „здрава“ Wikipedia за нас и генерациите кои доаѓаат. И со тоа што оваа технологија е Open source значи дека може да биде споделувана со сите други wiki-базирани сајтови, а нив ги има илјадници.

Лична порака за читателите на Кајгана?

Благодарам што ја читате Wikipedia! Благодарам и на оние кои што донирале, сигурно ги има и такви или со еден збор – Благодарам.

Коментирај