Интервјуа
Колку Македонија е „е-Македонија“?

Интервју со Иво Ивановски, Министер за информатичко општество и администрација

29. ноември 2011 - 11:19 | Гоце Постоловски

Сведоци сме на се поголем раст и развој на информатичката и телекомуникациската технологија кај нас. Факт е дека ИТ компаниите работат солидно, овие професии се барани, а продуктите конкурентни на целиот пазар. За да се постигне тоа, покрај визијата и можностите на самите компании потребни се услови и логистика и од државата и нејзините институции. Истите овие креатори на политики влијаат и врз нас „обичните смртници“, па затоа решивме да поразговараме со најповиканиот за овие прашања, г-динот Иво Ивановски, министер за информатичко општество и администрација во Владата на Р. Македонија. Еве што ни кажа тој.

Кажете ни нешто повеќе за Вас, како стигнавте до Македонија и до позицијата на која сте сега? Што работевте порано?

- Претходно работев како директор на одделението за информатички и комуникациски технологии во САД, Колумбус Охајо во Пласколајт Инкорпорејтед. Дојдов во Македонија по покана на Премиерот на Владата на Република Македонија г-динот Никола Груевски да бидaм дел од неговата Влада.

Која е разликата од тогаш до сега во Македонија? Дали сме повеќе или помалку еМакедонија  :)

- Дефинитивно сме многу понапред од 2006-та.  Има голем напредок во секој сегмент од општеството во примената на информатичките и комуникациските технологии. Тоа го кажуваат извештаите кои што доаѓаат и од Обединетите Нации, Интернационалната Телекомуникациска Заедница и останати мултинационални институции.

Да започнеме сега со разговорот околу локалните прашања кои ги интересираат нашите читатели. Каков е моменталниот статус со ПејПал? Се порадувавме малку дека конечно ќе тргне работата, но за жал толку беше. Дали имате информации до каде е работата сега?

- Последниот официјален допис што го добивме од ПејПал е дека во првиот квартал на 2012 Македонија ќе биде вклучена во нивниот систем. Ние сме во постојани разговори со нив, но одлуката е нивна. Од нашата страна влегувањето на ПејПал беше овозможено уште во 2008-ма, но поради економската криза, нивната одлука беше да не се инвестира во надградување на нивниот систем во наредните години.  

Се отворија нови високобразовни ИТ институции. Институтите на ПМФ и ЕТФ станаа факултет, потоа, Универзитетот за информатички технологии во Охрид и плус дисперзираните студии низ неколку градови во Македонија. Која е крајната цел што сакате да се постигне и дали можеби нема опасност од хиперпродукција на кадри, на сметка на квалитетот?

- Целта е да им се дозволи на сите граѓани во Република Македонија да имаат рамноправни услуви да се стекнат со високо образование без дополнителни огромни трошоци. Анализата што беше направена за дефицитот на кадар , покажа дека е неопходно да се отворат нови факултети  со цел да се задоволат потребите на приватниот сектор. Со воведувањето на болонскиот систем, квалитет треба да е стандарден.

Ситуацијата со интернет пенетрацијата, според мое лично мислење, колку толку се потсреди. Факт е дека за релативно малку пари се добива релативно добра услуга. Но, она што нема некои видливи промени е процесот на регистрација на .мк домени. Сè уште МАРнет е единственото место за регистрација на домени, а процедурата сè уште вклучува потреба од фирма, печати, „физичко“ поднесување на апликацијата. Можеме да очекуваме наскоро либерализација и поедноставување на овие процедури?

- Со вашето колку/толку се стекнува мислење дека не е доволно направено. Во првиот квартал во 2006-та имавме 15.018 претплатници на фиксен широкопојасен интернет, а во првиот квартал на 2011 имаме 262.371 претплатници на фиксен широкопојасен интернет. Дополнително, имаме 384.897 корисници на мобилен широкопојасен интернет на 3G и 93.583 на 2G. Либеризацијата на телекомуникацискиот пазар си го направи своето. Во однос на МАРнет, имајќи ги во предвид проблемите со кои што се соочуваа граѓаните на РМ, кога МАРнет беше дел од УКИМ, Владата на РМ донесе одлука да се оформи нова институција со цел да се задоволат овие барања и да се подобри овој сегмент од пазарот. Во текот на 2012 граѓаните ќе добијат подобра услуга од МАРнет по теркот на развиените домен регистратори.

Сега малку за проектите. Да почнеме со еден од  најстарите „Компјутер за секое дете“. Како оди реализацијата на овој проект, се постигнуваат ли очекуваните резултати и дали се планира нешто во иднина околу тоа?

- Овој проект  е од особено значење за градење на силна образована нација. Резулататите се следат постојано и врз база на тие се превземаат неопходни мерки за подобрување на системот. Следува период каде што ќе се инвестира во електронски содржини со цел да се надополнат постојните по математика, биологија, хемија, физика, географија итн. На мое најголемо задоволство се позитивните резулатати од користењето на лаптопите од прво до трето одделение и задоволството кај најмладите.

Друг проект за кој слушнавме е оној за 100-те македонски е-продавници. Кажете ни нешто повеќе за тоа, кој се може да аплицира и што ќе добијат оние кои ќе бидат избрани?

- Проект со цел да се стимулира електронската трговија во Македонија. Имаме мал број на интернет продавници во Македонија, предложивме проект со кој најдобрите бизнис планови, ќе им се изработат комплетни електронски продавници. За повеќе информации можат граѓаните да ја посетат веб страницата на www.mioa.gov.mk

Некои други проекти кои што би сакале да ги истакнете, или пак можеби најавите?

- Имаме голем број на проекти кои што сме ги реализирале, или се во завршна фаза за кои што граѓаните редовно ги информираме преку медиумите. За новите проекти кои што следуваат, ќе разговараме во друга прилика.

Во ваша надлежност е и администрацијата. Во последно време слушаме за е-проекти и тука. Можете ли да ни кажете кои се најактуелни.

- Воведување на систем за следење на компетенциите, обуки преку микроУчење, портал за обуки, електронско водење на документи, надградба на системот интероперабилност со вклучување на повеќе институции и ред други. Воведувањето на ИКТ е  клучен фактор за трансформирање на администрацијата во ефикасна и транспарентна.

Ваша лична порака до нашите читатели?

- Би сакал да ги поздравам вашите читатели и да им посакам здравје, среќа и успех во животот. 

Коментирај