Интервјуа
Македонија 10-та Кантер страјк сила

Интервју со Јован Каланоски, капитен на ENTiTY

20. декември 2011 - 10:58 | Гоце Постоловски

На почетокот на декември се одржа големото финале на Светскиот шампиоnат во е-спортови – WCG. Најголемиот светски е-спорт настан беше во Бусан, Јужна Кореја. На него, по седми пат со своја репрезентација учествуваше и Македонија. Оваа година членови на репрезентацијата беа членовите на тимот ENTiTY кои се квалификуваа со победа на националното првенство кое се одржа во мај годинава во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. На големото финале нашата репрезентација за прв пат ги помина групите и се пласираше во осминафинале. За успехот, но и за препреките и предизвиците со кои се соочуваат овие наши е-спортисти, поразговаравме со капитенот на тимот – Јован Каланоски.


Ве молам претставете ни се Вие и кажете ни нешто за Вашиот тим. Од кога постои, кој го сочинува, дали сте истата постава од основањето?

Здраво, се викам Јован Каланоски од Охрид, капитен сум на најдобриот македонски тим во Counter Strike - ENTiTY. Тимот е основан 2008 година. Почетоците беа многу тешки, јас се вратив од студии и направив тим од 5 момци од Охрид со кој што игравме заедно една година. Ѓоко Лабоски, Ангел Грозданоски, Алтај Реџеп, Александар Киселинов и јас, бевме таа екипа која што почна да се натпреварува и имавме солидни резултати. Но, солидните резултати не ни беа доволни и сакавме повеќе. Со таа цел, се собравме најдобрите играчи во Македонија и решивме да направиме тим за да се обидеме да се пробиеме надвор од Македонија.

Како се собравте, со оглед на тоа што сте од различни градови?

Ние се познававме и пред тоа, бевме соперници, ривали, но секако со многу почит едни кон други. Кога одлучивме да направиме од двете екипи една, се собравме, и разговаравме кои играчи би биле најдоброто решение за екипата и одлучивме. Јас, Александар Киселинов од Охрид, Јован Деребаноски од Струга, Влатко Сековски од Скопје, Анел Чековиќ од Тетово и Кирил Огненов од Скопје. Се собравме преку интернет секако, а се состанавме после неколку месеци во Охрид на подготовки за Светското првенство 2010 година во Лос Анџелес.

Како и каде тренирате? По колку време и колку често?

Некој од нас работи, некој студира, некој учи. Тренираме во слободното време најчесто вечерно време преку интернет. Имаме одредено 3-4 дена неделно и тренираме по 4-5 часа. Даваме многу од нас, се трудиме максимално, се тоа со една цел -  да сме силни и моќни на Кантер страјк сцената во светот.

Каде се досега сте се натпреварувале и кои резултати сте ги постигнале?

Со новиот состав, со кој што почнавме да се натпреваруваме пред повеќе од 18 месеци, бевме на WCG во Лос Анџелес, САД. Бевме на регионални турнири во Србија (Нови Сад, Ниш, Белград, Крагујевац) и сите ги освоивме, на турнир во Косово 1-во место, Балканско првенство во Трикала, Грција исто така прво место. Оваа година победивме на квалификациите за Светско првенство во Македонија кои се одржаа во салата Борис Трајковски и на кои учествуваа 61 екипа. Бевме на Европско првенество во Полска, без поголем резултат. Последно ни беше Светско првенство WCG во Бусан, Јужна Кореја. Направивме историски помин на групите на едно светско натпреварување. завршивме први во групата во конкуренција на домаќинот Јужна Кореја, Иран и Австралија. Подоцна во 1/8 финалето несреќно изгубивме од Казакстан.

Како што кажавте и сами, врвот на успесите се случи пред неколку недели на финалето на светското првенство во е-спортови WCG кое се одржа во Јужна Кореја. Како дојдовте до таму, кој ве организираше, како се подготвувавте?

Значи дефинитивно е најдобро чувствово кога градиш историја. Прво излегување на Македонија од групи на Светско првенство. Со тоа што ги освоивме домашните кфалификации за WCG, ние бевме тие што требаше да ги бранат боите на Македонија таму во Јужна Кореја. Организатор на сето тоа е Тотовски Бобан, претседател на Македонската е-спорт федерација. Со национали спонзори како град Скопје, T-Home, Агенција за млади и спорт, Netgear и еден светски спонзор SAMSUNG се овозможи сето тоа да биде реализирано и Македонија да има свој претставник во Јужна Кореја. Подготовките за ова  WCG, беа како и претходнот во Охрид во интернет клубот Rampage, се собравме цела екипа и трениравме 5-6 дена напорно.

Споделете со нашите читатели каква беше атмосферата таму, организацијата, конкуренцијата?

Како што веќе кажав чувството да се натпреваруваш на голем светски турнир е прекрасно, а да поминеш групи за прв пат во историјата е просто неописливо. Атмосферата максимално вжештена, адреналин над нормалната граница. Организацијата беше на високо ниво , Јужна Кореја е мајка на електронските спортови. Конкуренцијата ... нормално дека на секое големо натпреварување конкуренцијата е голема. Ние сме таква екипа која што го сакаме тешкиот пат, знаеме да победеме со потешките, но за жал да изгубиме од послабите. Се мотиварвме дека противник ние домаќинот и им одржавме лекција. Кај нас мотивацијата е главен фактор за успех, понекогаш се прашувам кога би имале подршка од некој, да идеме на повеќе турнири и да се наптреваруваме, со уште повеќе мотивација мислам дека немаме граница на можностите, ние би стигнале до самиот врв.

Како се чувствувавте како македонски репрезентативци, и какво е чувството да се бранат боите на Македонија во овие релативно нови дициплини?

Во Македонија има многу деца што ја играат оваа игра, и ние сме тие што ги претставуваме нив нашите наследници и Македонија. Чувството е прекрасно да си репрезентативец. Знаеме дека во нашата држава не цвета многу никој спорт, па камоли овој, па се навикнавме само на пофалби и честитки без да добиваме нешто повеќе за мотивација. Дисциплината е релативно нова - 11 години има натпреварувања, ние котираме многу високо на светскиот ранг, мислам дека е време некој посериозно да го разгледа ова и да се посвети малку внимание на овој спорт, додека сеуште не е касно. Да ги браниш боите на Македонија секако е голема чест за нас, но пак ќе напоменам - ние ја браниме Македонија на 20 натпреварувања во годината, а само на 2 од нив сме финансиски покриени, Ако продолжиме да ја браниме Македонија на наш трошок, едно е се губи мотивација и желба за игра, друго е немање на услови да се оди на тие натрепварувања .

Од вашите контакти со колеги од други земји, дали можете да направите некоја споредба како е ситуацијата таму, а како во Македонија? Зборуваме за е-спортот се разбира.

Ситуацијата е многу интересна. Еднаш еден наш близок колега и пријател од Германија ни кажа: "Дечки. вие треба да добиете награда за ова. Играте од забава и сте стигнале да се натпреварувате на светски турнири, и тренирате, и се трудите и се, секоја чест...". Нашите колеги во другите земји се платени за да ги играат овие игри, имаат услови кои што им овозможуваат да ги посетат сите натпреварувања. Имаат добар интернет, добри компјутери и слично. На повеќето основната работа им се електронските спортови, за разлика од нас. Ние сме кажале многу пати, не ни треба плата за да играме, играме од срце со желба и со волја, доволно ни е некој да може да ни овозможи да одиме на што повеќе натпреварувања, така би станале уште посилни.

Што мислите дека треба да се направи за да се подобри ситуацијата во Македонија?

Прво секако дека државата мора да се ангажира повеќе околу Македонската е-спорт федерација и овие игри. Ние ја браниме Македонија, зашто таа да не ни подаде рака? Значи некој мора да финансира, за да се има повеќе резултати и мотив за игра, во спротива се гасне полека. Мислам дека е редно да ја покриеме нашата држава со долго очекуваниот оптички интернет, за да имаме подобри услови за тренирање преку интернет.

Ваши планови за иднина? Други натпреварувања, турнири?

Ние се трудиме да ја подобриме нашата екипа што е можно повеќе. Се трудиме да оставиме белег во електронските спортови. Разговаравме после Кореја, продолжуваме со тренинзи и натпреварувања, но си дадовме цел, Ако во наредните 2-3 месеци ние не добиеме подршка од некоја гејминг организација, од нашата државата или од некој спонзор локален, национален или интернационален, нема да имаме можности да тренираме многу и да одиме на повеќе турнири, така да ќе го намалиме темпото. Следните турнири почнуваат во наредната година, во јануари има турнир во Ниш, Србија и се надеваме да учествуваме таму. Во блиска иднина има натпреварувања во Романија, Унгарија , Грција и уште многу други, Секаде сме поканети и добредојдени, само не знаеме за колку натпревари ќе можеме да одделиме средства за да учествуваме.

Коментирај