Интервјуа
„Учете за знаење, работете напорно“

Интервју со проф. д-р. Димитар Трајанов – декан на ФИНКИ

12. март 2012 - 11:46 | Гоце Постоловски

Професорот Димитар Трајанов е декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ. Идејата за овој факултет е од пред десетина години, а конечно беше реализирана на почетокот од оваа академска година. Со проф. Трајанов разговараме за факултетот, неговите програми и студенти, но и за теми поврзани со ИТ индустријата кај нас и во светот.

Ве молам претставете ни се. Накратко за вашиот професионален развој и академска кариера?

На кратко, моментално ја извршувам функцијата декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). По дипломирањето во 1996 година, прво работев како програмер, а потоа во 1999 година се вработив како асистент на Електро-техничкиот факултет во Скопје. Таму најпрво магистрирав, па потоа и докторирав, за во почетокот на 2006 година да бидам избран за доцент, а потоа во 2010 година за вонреден професор. Моите професионални интереси го вклучуваат Семантичкиот веб, Развојот на мобилни апликации, Паралелното процесирање, Безжичните мрежи. До сега имам публикувано повеќе од 80 научни трудови во меѓународни списанија и на меѓународни и домашни конференции. Исто така ко-автор сум на 7 книги. Имам водено и учествувано во повеќе од 30 меѓународни и домашни проекти.

Од кога датира идејата за ФИНКИ? Дали сметате дека можеше да се реализира и порано?

Идејата за посебен факултет за Информатика е стара повеќе од десет години, па конечно еве пред една година се формираше ФИНКИ. Сега Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) е дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и е формиран со здружувањето на професорите од двата најголеми институти од областа на информатиката и компјутерската техника во Македонија – Институтот за информатика (ИИ) при Природно-математичкиот факултет и Институтот за компјутерска техника и информатика (ИКТИ) при Факултетот за електротехника и информациски технологии. ФИНКИ ја продолжува традицијата на овие два институти, кои во дадената форма работат уште од осумдесеттите години на минатиот век. Во овој период од скоро 30-тина години овие два Институти имаат континуиран раст во научните и техничките капацитети, како резултат на извонредните залагања на нивните членови, а во тренд со светскиот подем на информатичката технологија.

Што добија, а што можеби изгубија студентите со тоа што два големи и атрактивни оддели од два исто така популарни факултети (ЕТФ и ПМФ) се споија во еден факултет?

Oд една ваква дистанца можам слободно да кажам дека студентите не изгубија ништо. Се разбира на почетокот постоеја сомнежи и стравови дали ќе не биде или не, но еве денес ФИНКИ е технички факултет кој запиша убедливо најголем број на студенти, ФИНКИ е факултет кој има најинтензивна соработка со индустријата, ФИНКИ е факултет кој е препознатлив во светот (почуваме соработка со големи светски универзитети како Carnegie Mellon University, Boston University…). Покрај ова, нашите студенти добија многу нови можности, од кои само дел ќе се обидам да ги спомнам во продолжение.

Еве да започнам прво од можноста да студираат на факултет на кој се вработени 35 професори доктори на науки од областа на Информатиката. По овој параметар ФИНКИ е убедливо најголемиот ИТ факултет во Македонија, но уште поинтересно е што тоа го прави и еден од најголемите во регионот. Фактот што ФИНКИ има многу голем број професори (дупло од секој од старите факултети) ни дава можност да имаме голем број на изборни предмети и со тоа да им се овозможи на студентите самите да можат да си го креираат својот профил во согласност со нивните афинитети и интереси.

Веднаш по своето формирање, ФИНКИ воспостави блиски врски со речиси сите македонски ИТ компании, и со поголем број на странски компании. Преку овие конекции всушност нашите студенти стануваат многу поблиски со индустријата, и добиваат можност да избираат каде и што ќе работат. Ова е олеснување и за компаниите кои сега на едно место ги имаат најдобрите ИТ студенти.

Но, она што јас го сметам за најважна придобивка за студентите е дека на ФИНКИ студентите се нашите партнери. Ние заеднички го градиме факултетот во организација која ќе овозможи успешни студенти а со тоа и успешни професори. Со трендот на глобализација и израмнување на светот, се менува и односот на професор студент, денес кога сите информации се лесно достапни целта на процесот на едукација не е повеќе да се раскаже материјалот, целта е заеднички да споделиме знаење, да дискутираме, да решаваме проблеми и да стекнуваме нови знаења.

Сега сме некаде на средина од првата студиска година. Колку студенти се запишаа оваа година и што ново ФИНКИ им понуди во однос на претходната понуда кога беа само институтите на ПМФ и ЕТФ?

Оваа година на ФИНКИ се запишаа 650 нови студенти што е многу поголем број отколу што запишуваа институтите на двата стари факултети. Што е најважно, сега за прв пат овие наши студенти за прв пат добија можност да студираат на високо квалитетен факултет за Информатика.

ФИНКИ е државен ИТ факултет кој на студените им нуди најголем избор на студиски програми. Креирани се четири комплетно нови и современи студиски програми и тоа: Компјутерски науки и инженерство, Мрежни технологии, Примена на е-технологии и Студии за информатичка едукација. Исто така, на ФИНКИ се пренесени и четирите информатички насоки кои Институтите успешно ги водеа и досега. На тој начин студените ќе можат да изберат да се запишат на  ИКИ - Информатика и компјутерско инженерство (4-годишни студии) и на ИНФО - Професионални студии по информатика (3-годишни студии) кои се пренесени од Институтот за компјутерска техника и информатика на ФЕИТ, како и на Академски студии по информатика (4-годишни студии) и Професионални студии по информатички технологии (3-годишни студии) како студиски програми пренесени од Институтот за информатика на ПМФ.

Воведуваме целосно нови електронски сервиси. ФИНКИ е пилот факултетот на кој прв се имплементира iKnow системот чиј развој е финансиран од ЕУ. Овде морам да напомнам дека секогаш кога воведувате нешто ново, и кога од корен ги менувате работите се појавуваат проблеми, но најважно е што ги решаваме заедно со нашите студенти.

ФИНКИ го правиме да биде факултет за најдобрите студенти. Во оваа насока, Факултетот ќе им даде целосна поддршка на најдобрите матуранти, со тоа што ќе им овозможи бесплатно студирање на сите кои имаат освоено прва, втора или трета награда на некој од државните натпревари по информатика, математика и физика, како и на сите кандидати кои ќе освојат прва, втора или трета награда на меѓународен натпревар од истите области. Стипендијата важи за сите студиски години, доколку притоа студентите имаат просек над 9 и на време ги завршуваат студиите. Покрај доделувањето на стипендиите, Факултетот има континуирана соработка со овие најдобри студенти кои ќе бидат негови стипендисти преку овозможување тие да бидат директно ангажирани во изведувањето на наставата како демонстратори, кои би им помагале и би споделувале знаење со останатите колеги.

Дали има проблеми со старите студенти и компатибилноста на нивните студиски програми и сегашните на ФИНКИ?

При формирањето на факултетот една од целите кои си ги поставивме беше да ги избегнеме ваквиот вид на проблеми. Односно, проблеми со компатибилноста на старите со новите програми нема од едноставна причина што на факултетот постојат и старите наставни програми кои ги пренесовме од институтите, па затекнатите студенти си студираат по студиските програми по кои ги започнале студиите.

ФИНКИ е дел од голем број настани кои што ја промовираат ИТ кај младите. Последниот што знам е Windows Phone Camp во организација на Microsoft и T-Mobile. Која е улогата на ФИНКИ тука и кое е вашето лично мислење за овие случувања?

Ова е една од многуте придобивки од формирањето на ФИНКИ. Конечно во Македонија се доби релевантна, силна и што е можеби најбитно влијателна академска институција од областа на ИКТ која силно влијае на промоцијата на оваа дисциплина и зголемувањето на можностите да се научи и да се применува информатиката. Во оваа половина година ФИНКИ директно организираше, поддржа или беше дел од огромен број на вакви настани.

Меѓутоа, она што ме прави посебно задоволен, а е поврзано со ваквите настани, е што во овој краток период се веќе формира една група од наши студенти кои почнаа и самите да организираат настани поврзани со ИКТ. На пример, претходнава недела се одржа настан посветен на животот и делото на Стив Џобс, кој беше комплетно организиран од нашите студенти, и на кој беа присутни голем број на студенти но и професори, асистенти, претставници од ИТ компании и многу други.

Да се „оддалечиме“ малку од факултетот. Сведоци сме раѓање (а веќе и умирање) на нови факултети, дисперзирани студии, па дури и Универзитет за информатички техниологии и науки во Охрид. Дали, според вас, навистина има потреба од толку многу високообразовни институции за само една област во толку мала земја како нашата и дали на сметка на квантитет не се губи од квалитетот?

Во принцип јас ги подржувам сите напори кои водат кон зголемување на едуцираноста на нашето општество. Онаа што на нас на ФИНКИ ни е најбитно, и на што сме комплетно концентрирани е градење и постојано подигање на квалитетот на ФИНКИ.

А што е со студентите што ќе завршат, дали сметате дека ИТ опкружувањето кај нас ќе може да им обезбеди работа, а од друга страна дали се теоретски и практично доволно обучени да бидат конкурентни на светскиот пазар на работна сила?

Според анализите од Агенцијата за вработување, моментално на нашиот пазар има најголем недостиг од програмери и информатичари. Како потврда на ова е и фактот што ние на веб станицата на ФИНКИ постојано добиваме барања од компании за објавување на огласи за работа, што е и директен знак дека постои побарувачка на работна сила.

А во поглед на квалитетот на студените кои ги едуцираме, доволно говори фактот што имаме студенти кои работат во Microsoft, Apple, Philips, IBM, односно имаме студенти во речиси сите водечки светски компании. Исто така нашите студенти без проблеми ги примаат на магистерски и докторски студии на сите водечки светски универзитети.

Кои се плановите за во иднина за ФИНКИ?

ИТ е една од најперспективните професии. Тоа е професија која од услужна дејност во минатото, денес прерасна во професија која станува главен двигател на развојот, не само во ИКТ делот, туку и во сите останати области од современото општество. Она што сега се покажува, а што беше и е наша цел е ФИНКИ да биде моторот кој Македонската ИТ индустрија (и не само неа) ќе ја трансформира од индустрија која во главно работи за домашниот пазар или по лон-систем, во индустрија која прави сопствени продукти и e успешна на светскиот пазар.

ФИНКИ не се формираше да биде само најдобар ИТ факултет во Македонија (ние тоа и претходно бевме) целта е да биде препознатлив во светот и еден од најдобрите факултети во регионот.

Порака до Вашите студенти или оние што планираат тоа да бидат?

Најпрво би сакал да им се обратам на нашите идни студенти, сегашни матуранти. Сакал да ги охрабрам да судираат техника и да бидат инженери. Македонија моментално има огромна потреба од квалитетни инженери, кадри кои треба да го понесат идниот развој на македонското стопанство. Сакам да ги посоветувам, да престанат да го следат стереотипот за сигурна работа во државна администрација, работа на инженер е работа која нуди многу повеќе предизвици и се разбира која носи и до неколку пати повисока плата, а со тоа и многу по квалитетен живот.

А на сите наши тековни и идни студенти би сакал да им препорачам: Учете за знаење, работете напорно, бидете креативни и имајте храброст своите идеи да ги реализирате и извадите на пазарот.

Коментирај