Интервјуа
„Вклучете се“

Интервју со Вилијам Куивигер – Community manager во Mozilla

19. март 2012 - 10:25 | Гоце Постоловски

Вилијам Куивигер (William Quiviger) е Community manager во Mozilla. Во оваа непрофитна организација која сите ја знаеме по нејзините продукти Firefox и Thunderbird работи од  2008-ма година и негова задача е да ги организира и да им пружи поддршка на илјадниците волонтери кои работат за Mozilla, со цел да го направат вебот подобро место. Со него разговаравме за организацијата, неговата работа таму, но и за тоа колку и дали има „Мозилијанци“ (како што тие ги нарекуваат своите волонтери) во Македонија.

Ве молам претставете им се нa нашите читатели

Се викам Вилијам Куивигер и работам како Community manager во Mozilla. Сите мислат дека сум Јапонец или Кинез, а јас сум всушност половина Французин, половина Филипинец :)

Кажете ни нешто повеќе за вашата улога во Mozilla

Во Mozilla работам како Community manager веќе 4 години (од јули 2008 година). Мој регион на делување е Европа, но во последно време работам на повеќе проекти низ целиот свет. Мојата главна задача е да им помагам и да им дадам поддршка на волонтерите од цел свет кои работат на Mozilla проектите. Тука сум да ги слушнам нивните барања, нивните грижи и проблеми и да најдам начин како Mozilla најдобро може да ги поддржи нивните напори за промоција на Mozilla продуктите во нивниот регион. Постојано се среќавам со волонтерите и учествувам на многу настани, состаноци, конференции, „хакфести“ и.т.н. Сето тоа значи многу патување и многу малку спиење :)

Зошто баш Mozilla? Што е толку специјално таму што ве привлече да работите баш за оваа организација?

Mozilla не е како ниедна организација за која имам работено. Секој ден си кажувам себе си колку сум привилегиран што работам со армија од стотици пасионирани волонтери кои што и помагаат на Mozilla, која е непрофитна организација, да ја подобри и унапреди својата мисија и да им помогне на корисниците да ја преземат контролата врз нивниот он-лајн живот и да направат нешто за доброто на сите.

Од Mozilla, најпознати се Firefox и Thunderbird. Постојат ли и други проекти кои што не се толку популарни, а според вас се вредни за спомнување?

Mozilla има многу квалитетни и одлични проекти како што се B2G, Pancake и се разбира новиот Mozilla Marketplace за апликации креирани со отворен код. Имаме и други одлични програми како WebFWD, програма која што помага во поддршката на проектите кои се бесплатни и кои што ги поместуваат границите за тоа што може да се направи на интернет.

Кога веќе го спомнавте Mozilla Marketplace, кажете ни нешто повеќе за тоа

Искрено, јас сум навистина возбуден во врска со Mozilla Marketplace. Во основа, развивачите само со користење на HTML, CSS и JavaScript можат да креираат апликација која ќе го има истиот изглед и функција како и и апликациите креирани за различни платформи. Но, open web апликациите за разлика од другите нема потреба да се преработуваат за да работат на другите платформи. Овде вебот е платформа.

Некој друг проект кој може наскотро да го очекуваме од лабораториите на Mozilla?

Можам да кажам дека Pancake ќе го обожавате.

Како што кажавте, ваша работа е да се грижите и да работите со, како што ги викате вие, „Мозилијанците” од цел свет. Кажете ни која е всушност улогата на оваа армија луѓе, колку се тие важни за Mozilla?

Како Community manager на Mozilla мојата работа е секојдневно да им пружам поддршка на волонтерите – „Мозилијанците”. Овие волонтери се ‘рбетот на проектот Mozilla.  Помагаат во креирањето на кодот, во локализацијата на нашите продукти, организираат и водат маркетинг кампањи, пружаат поддршка и.т.н. Без посветеноста и напорната работа на волонтерите, проектот Mozilla нема да постои.  Без нив нема да можеме да испорачуваме квалитетен бесплатен софтвер. Или наједноставно кажано, без армијата „Мозилијанци” кои секојдневно работат на голем број проекти со отворен код, вебот ќе беше различно место од она што е денес.

Овде сакам да споменам еден проект на кој сум посебно горд и со кој уште повеќе ќе ја засилиме нашата волонтерска база, а се вика “Mozilla Reps Program” (http://reps.mozilla.org). Оваа програма која беше стартувана во јуни минатата година помага во обезбедувано на алатки и поддршка за сите „Мозилијанци” кои сакаат да станат официјални претставници на Mozilla во нивниот регион. Програмата е водена и се реализира исклучиво со луѓе од заедницата (7 волонтери и 2 кои професионално се вклучени и платени за тоа) и во неа досега се вклучени 300 претставници. Преку оваа програма и овој начин на организација , Mozilla волонтерите можат да побараат средства за различни активности (за настани, хакфести, работилници и т.н.), сами да креираат и располагаат со буџет кој можат да го искористат во креирање и набавување на промотивни материјали кои потоа можат да ги искористат за настаните, конференциите и другите видови на собирања каде што ја претставуваат и афирмираат работата на Mozilla.

Постојат ли Мозилијанции во Македонија? Како се организирани и на што работат?

Да. Во Македонија постои активна Mozilla заедница предводена од Горјан Јовановски (https://reps.mozilla.org/u/jovanovski/). Тие работат на локализација на нашите продукти и ги менаџираат маркетинг кампањите кога има потреба од тоа.

Дали во блиска иднина можеме да очекуваме некои локални активности овде во Македонија?

Секако. Мојата последна посета на Македонија беше во 2010 година. Помина многу од време од тогаш и навистина се радувам на повторно доаѓање и организација на уште еден настан, таму некаде пред крајот на оваа година.

Лична порака до нашите читатели?

Вебот се менува многу брзо. Ние само сме „загребале“ на површината на неговите можности и она што тој го нуди. Мораме да го заштитиме и да го зачуваме отворен и достапен за сите. Поддржете ја Mozilla во напорите да се слушне вашиот глас и да продолжиме да се бориме за обичниот корисник. Вклучете се во нашите проекти и направете го тоа денес. (http://www.mozilla.org/contribute/)

Коментирај