МК сцена
Пред почетокот на турнејата Kings of Strings

Интервју со Влатко Стефановски

8. март 2012 - 16:16 | Димитар Петровски

Гитаристот Влатко Стефановски наскоро ќе стартува со турнејата за новиот проект насловен Kings of strings со колегите гитаристи Томи Емануел и Стокело Розенбург, со кои ќе одржи серија акустични концерт низ Европа. Како дел од турнејата на 24 март, ќе настапат и во Универзалната сала во Скопје. Во интервјуто за Кајгана вели дека станува збор за навистина интересен и квалитетен проект и дека научил многу нови работи од соработката со познатите гитаристи.

Тројцата гитаристи внесуваат различна естетика во музиката, а спојот на тие различни енергии и музички позадини ги прави исклучително интересно трио. Стефановски објаснува дека идејата за Kings of strings потекнала од долгогодишниот директор на белградскиот Гитар-Арт фестивал, Бошко Радојковиќ.

- „Пред две години Радојковиќ ми предложи соработка со овие двајца гитарски „монструми“. Размислував долго бидејќи се работи за големи имиња и за голема обврска и одговорност. Но, се разбира дека таквите предлози и идеи звучат примамливо и со задоволство ја прифатив таа понуда“ - вели Влатко Стефановски.

Џем-сешн уште на првата средба

Музичарите воопшто не се познавале, а првата средба на Влатко со Томи Емануел се случила во Будимпешта, за време на еден концерт на австралискиот гитарист. Истата вечер на бисот имале и мал џем-сешн. Со Стокело се запознале на концерт во Софија и слично како и со Томи, веднаш имале кус заеднички настап.

- „По неколку средби, конечно се сретнавме во Белград, за официјалната промоција на проектот. Од таа средба настанаа неколку неформални снимки, што ќе се најдат на албумот „First Step“, и со тоа е направен првиот чекор. На концертите веќе ќе имаме материјал што посетителите ќе можат да го купат“.

Влатко вели дека оваа соработка е многу значајна за него, бидејќи тоа се врвни гитаристи со светска репутација. Вели дека сите се различни гитаристи, но додава дека со Томи имаат сличен сензибилитет и сличен начин на свирење.

- „Ние двајца свириме по рокерски, односно поагресивно. Стокело доаѓа од еден сосема друг свет на џипси-џез музиката, која е прилично лесна за слушање, но прилично тешка за свирење. Тоа е наследството на Џанго Рејнхарт, а Розенбург е еден од неговите најзначајни наследници“.

Сврзувањето на тие различни естетики воопшто не било проблем, вели Влатко, бидејќи сепак станува збор за тројца искусни музичари што лесно пливаат во различни води.

Стефановски: Научив многу од Томи и Стокело

И покрај тоа што има огромно музичко искуство, Влатко вели дека постојано учи и ниту во еден момент не престанал да се интересира за нови работи и разни музики.

- „Научив многу од нив. Научив некои џез акорди што претходно не сум ги знаел, односно некои корд прогресии. Музиката што ја свири Стокело, едноставно е друга планета, особено за мене бидејќи доаѓам од еден рокерски бекграунд“ - вели Стефановски. За Австралиецот Томи кој живее во Нешвил, во САД, вели дека има секојдневни средби и контакти со големи мајстори, а има и заеднички албум со Чет Еткинс уште еден огромен мајстор на гитарата.

- Техниката на Томи е брилијантна. Мислам дека е првак според начинот на кој свири фингер-пикинг гитара - вели Стефановски.

- „Се разбира со моите балкански компликации ги изненадив и признаваат дека тоа за нив е еден океан во кој не можат да пливаат. Сепак се наоѓаме некаде на половина пат. Не сакам да ги „оптеретувам“ со Калајџиско оро или пак со Пајдушко оро бидејќи тоа се некои тешки математики за луѓе што не се од овие простори. Она што ќе го свириме од овие простори се нумери во четри-четвртини, а ќе изведеме и неколку мои композиции“ - вели Стефановски.

Засега гитаристите имаат договорени настапи низ Балканот, а ги очекува и концерт во Шведска на крајот од турнејата. Сепак, Стефановски се надева дека тоа ќе биде само почеток, односно само некои „први чекори“.

- „Ова е проект што верувам дека може да го сврти светот, без двоумење дали е доволно вредно. Сигурен сум дека е вредно и за Карнеги Хол, како и за ројал Алберт Хол, но сосема друго прашање е дали светските промотери ќе покажат интерес за овој проект“.

Интензивни подготовки за турнејата

Стефановски вели дека во овој период интензивно вежба и се подготвува за претстојната турнеја која почнува во Подгорица на 16-ти, овој месец.

- „Постојано вежбам бидејќи сакам да бидам во најдобро светло, во тоа друштво на великани“ - вели Стефановски. Тој објаснува дека го очекуваат многу исцрпувачки концерти со Kings Of Strings, бидејќи имаат прилично тешки песни за свирење.

- „Ќе свириме околу 20 нумери, а концертот ќе биде тежок за свирење, бидејќи дел од нумерите бараат многу снага, апсолутна концентрација и подготвеност“.

Покрај работата на овој проект, тој постојано е активен и со сопствениот бенд Влатко Стефановски Трио со кој имаат редовни концерти низ Европа. Пред Kings of Strings, Стефановски беше активен со блуз албумот Thunder from the Blue Sky, а вели дека и во моментот има готов материјал за нов албум.

- „Мислам дека во нашава средина никогаш не сум доволно добро примен, како да постои некој прилично резервиран однос кон она што го правам. Не знам на што се должи тоа. Во моментот имам готов албум, но го пролонгирам финалното „миксање“ бидејќи постојано си поставувам едно големо прашање: „Чуму!?“ - вели Стефановски. Сепак кажува дека материјалот му тежи, па сигурно ќе го објави во некоја блиска иднина.

Размислува за нови начини за пласман на изданијата

Гитаристот е свесен дека музичката индустрија во светски рамки е сменета и продажбата на албумите повеќе не се одвива како некогаш, па и самиот размислува за потег како оној на Rediohead кога групата го постави албумот за бесплатно преземање од нивната страница.

- „За мене е добра околност што во голема мера се ослонувам на настапите во живо. Се додека можам да свирам и да настапувам на концерти, ќе можам да живеам од музиката. И онака постојано ги подарувам албумите, а морам да признаам дека ни самиот одамна не сум купил ЦД“ - вели тој. Вели дека цедето се покажа како лош формат и дека е неговата приказна е готова.

- „Тоа се покажа како лоша копија на грамофонската плоча. Мислам дека тоа е еден преод меѓу нешто што го држиш и поседуваш физички, и музиката денес што ја поседуваш во некој од дигиталните формати, складирана на некое стикче. Од друга страна, плочите се уште ги чувам, и мислам дека тоа е нешто навистина вредно. Во минатото, за да се направи еден албум беше потребен фабрички процес, а денес цедето може да се направи и дома. Не ми се допадна ниту смалувањето на форматот, бидејќи порано ги разгледувавме омотите, ги читавме приказните и текстовите и ги гледавме фотографиите. Сега се тоа е премногу мало“

Големи концерти во 2013 година

Покрај работата на тој материјал Стефановски во моментот работи музика за филм, а следен предизвик се концертите што го очекуваат во 2013 година.

- „Во 2013 година имам закажано четири големи концерти низ Европа, со еден врвен диригент и со врвни европски симфониски оркестри, а Мирослав Тадиќ, Теодосиј Спасов и јас сме солисти пред нив. Ова е истиот концерт што пред неколку години го одржавме во Виена, а сега се сели во Лондон, Монте Карло, во Лајпциг и во Мајнхајм. Треба да настапувам со Лондонскиот симфониски оркестар во јануари 2013 година и тоа навистина звучи нереално. Се разбира има шанси истиот проект да дојде и во Македонија, но се надевам дека конечно ќе се договориме со македонската филхармонија и дека ќе го исполниме истиот концерт и пред македонската публика“ - завршува Стефановски.

Коментирај