Ирачките безбедносни сили со поддршка на американски војници, упаднаа на главниот аеродром во Мосул и во воената база во близина на аеродромот, објави државната телевизија.
„Нашите сили рано изутрина започнаа голема операција за заземање на аеродромот во Мосул и воената база Гозлани со цел да ги протераат терористите на Исламската држава. Можеме да потврдиме дека аеродромот во Мосул воено падна и прашање е на време кога ќе воспоставиме целосна контрола над него“ - рече портпаролот на антитерористичката единица Санах Нуман, пренесува Reuters.
Од протерувањето на џихадистите од источниот дел на Мосул минатиот месец, ирачките сили настојуваат да го освојат аеродромот и воената база во јужните делови на Мосул за да ги користат како појдовна точка за освојување на западниот дел на градот.