Техеран, 7 февруари 2019 (МИА) – Иранската елитна Револуционерна гарда денеска претстави балистичка ракета „земја-земја“, за која тврди дека има дострел од 1.000 километри.
Церемонијата за претставување на ракетата беше одржана во подземната ракетна постројка, опишана како „подземен град“, соопштија иранските медиуми. Настанот се случи во момент кога се одбележува 40-годишнината од Исламската револуција.
Ракетата е наречена „дезфул“, всушност верзија на ракетата „золфагхар“ која има дострел од 700 километри и боева глава со тежина од 450 килограми.
Иран поседува ракети „земја-земја“ со дострел од околу 2.000 километри, што е доволно да достигнат до израелските и американските воени бази во регионот.