Фудбал
Дали навистина им е потребен?

Јануарско изненадување: Боатенг блиску до трансфер во Барселона

21. јануари 2019 - 15:43 | К.З.

Зимскиот преоден рок секогаш носи изненадувања, но веројатно никој не можеше да го предвиди ова: поранешниот играч на Милан, Кевин Принс-Боатенг е на чекор до трансфер во Барселона.

Откако летово го напушти Ајнтрахт Франкфурт, Боатенг имаше солидни настапи во дресот на Сасуоло и успеа да постигне 5 лигашки гола за италијанскиот клуб иако пропушти еден месец поради повреда.

Раководството на Барселона беше импресионирано од настапите на 31-годишниот Кевин Принс-Боатенг, па реши да му предложи на Сасуоло да го пушти на позајмица на Ноу Камп до крајот на сезоната. Каталонците се во потрага по резервен напаѓач откако минатата недела му дозволија на младиот Мунир ел Хадади да потпише за Валенсија во трансфер вреден само 1 милион евра.

Ако може да им се верува на италијанските медиуми, Боатенг би требало да отпатува за Барселона уште денеска и да ги комплетира медицинските прегледи, пред да потпише со актуелниот шпански шампион.

Во договорот ќе биде вметната и откупна клаузула во висина од 8 милиони евра, која Барселона ќе може да ја активира во текот на позајмицата.

Коментирај