Турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека нападот на аеродромот „Кемал Ататурк“ во Истанбул претставува подол и планиран терористички чин, пренесуваат светските агенции.
„Стана јасно дека со овој инцидент, тероризмот е глобална закана. Овој напад, чии цели беа недолжни луѓе, беше планиран терористички чин“, рече Јилдирим. Иако постојат, како што вели Јилдирим, иницијални докази дека зад нападот стои Исламска држава, ниедна група досега не презеде одговорност.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, пак, силно го осуди терористичкиот напад во Истанбул и побара одлучен глобален одговор кога се работи за борбата против терористичките групи.
Според последните информации во нападот 36 лица ги загубија своите животи, а повеќе од 150 се повредени. Тројцата бомбаши самоубијци прво неселективно отвориле оган врз луѓето околу нив, а потоа се разнеле на влезот во меѓународниот аеродром.
Еден од напаѓачите експлозивот го активирал кај сигурносната контрола внатре во терминалот, вториот пред влезот на терминалот, а третиот на паркингот. До аеродромот тројцата напаѓачи дошле со такси, а според турскиот министер за правда Бекир Боздаг, станува збор за добро усогласен напад.