Американскиот трилер „Joker“ на режисерот Тод Филипс со Жоакин Феникс во главната улога, ја освои главната награда Златен лав на 76. Филмски фестивал во Венеција.
„Сакам да им се заблагодарам на Warner Bros. и DC што излегоа од својата комфор зона и се залагаа за мене и за овој филм“, изјави Филипс по врачувањето на наградата.
“Ви благодарам што ми ги доверивте вашите луди таленти“, додаде тој, обраќајќи му се на Феникс.
Филмот веќе добива исклучително позитивни критики и со освојувањето на оваа престижна награда на големо се зборува дека е најсериозен кандидат за Оскар годинава.
Наградата за најдобар млад талент ја доби Тоби Валас за улогата во филмот „Babyteeth“ на Шенон Марфи.
Филмот на Роман Полански за аферата Драјфус „An Officer and a Spy“ ја доби Главната награда на жирито, но режисерот не беше присутен за да ја прими.
Лука Маринели е прогласен за најдобар актер за улогата во француско-италијанската историска романса „Martin Eden“, а Аријана Аскарид ја доби наградата за најдобра актерка за улогата во француската драма „Gloria Mundi“.
Жирито што годинава ги додели наградите во Венеција го предводеше аргентинската режисерка Лукреција Мартел, а го сочинуваа режисерката Мери Харон, актерката Стејси Мартин, кинематограферот Родриго Прието и извршниот директор на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, Пирс Хендлинг.