Њујорк, 13 август 2019 (МИА) – На денешен ден пред 50 години кај гратчето Бетел во американската сојузна држава Њујорк беше отворен рок-фестивалот Вудсток, што траеше три дена, а обележа цела една генерација во САД.
Фестивалот се одржа во август, 1969 година кога американското општество беше поделено поради војната во Виетнам. По учеството во успешната организација на Поп-фестивалот во Мајами, кон крајот на 1968 година, младиот менаџер Мајкл Ланг, заедно со тројца свои соработници – Џон Робертс, Џоел Розенман и Арти Корнфилд, се нафатија да направат нешто поинакво коешто ќе биде гласен протест против војната меѓу САД и Виетнам.
Вудсток бил повеќе од успешен. На фестивалот се очекувало да дојдат 50.000 посетители, но присуствувале над 400.000 луѓе, што и го направи овој настан така легендарен. Многу познати имиња настапиле на фестивалот.
Организаторите најавија јубилејно второ издание што требаше да се одржи неделава, но како што самите истакнаа – поради „непредвидени пречки“, тоа беше откажано.
Голем број од ѕвездите на првиот Вудсток се починати, меѓу кои Џенис Џоплин и Џими Хендрикс, но беше предвидено на јубилејот да учествуваат Џоан Баез и групата The Who, коишто и пред 50 години имаа настап.
Свој настап имаа и Берт Самер, Џон Себастијан, Тим Хардин, Сантана, Џо Кокер, Џони Мичел, Џони Винтер и многу други.
Една година по фестивалот, во 1970., премиера имаше документарецот посветен на фестивалот. Режисерите Мајкл Вадли, Мартин Скорсезе и монтажерката Телма Шунмејкер добија и оскар за најдобар документарен филм.