Филм & ТВ

[КАЈГАНА препорака] Пет минисерии што треба да ги изгледате летово

9. јули 2019 - 15:17 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Ако минисеријата „Chernobyl“ на HBO покажа нешто, покрај беспрекорна кинематографија, е тоа дека може да раскажеш одлична приказна со добро изградени ликови и фантастична фотографија и во само една сезона.

Минисериите доживуваат камбек, користејќи ја поволната плима на популарноста на ТВ-сериите воопшто, особено благодарение на платформите како Netflix, Amazon и HBO.

Без разлика дали се документарци или фикција, минисериите се одличен избор ако не сакате да потрошите „една младост“ на гледање серии од најмалку пет сезони, со најмалку десет епизоди, по најмалку 20 минути.

КАЈГАНА ви предлага избор од пет популарни минисерии во кои сигурно ќе најдете најмалку една што ќе ги задоволи вашите вкусови.

Evil Genius (Netflix)

Документарец во четири дела за контроверзен грабеж на банка што непланирано тргнува во погрешен правец и завршува со убиство. Приказната е вистинска и ни Холивуд не би можел да смисли нешто вакво. Задоволните гледачи велат дека не очекувале да се навлечат толку на документарец.

The Night Of (HBO)

Комплексна приказна што почнува со убиство и ја следи приказната на еден млад маж за кој и вие треба да откриете дали е виновен за убиството или не. Секоја епизода е тензична, мачна и ве тера да си поставувате нови прашања секоја минута. Ќе има моменти кога ќе викате на глас од гнев и неверување.

Alias Grace (Netflix)

Работена според истоимената книга на Маргарет Атвуд (авторката на Handmaid’s Tale), оваа минисерија е базирана на вистинската приказна за злогласената жена убиец Грејс Маркс која била осудена за убиството на нејзиниот работодавец и неговата љубовница во 1843 година. Серијата е морничава, глумата совршена, а приказната возбудлива. Дефинитивно ќе сакате да ги изгледате сите шест епизоди одеднаш.

Political Animals (USA Network)

Минисерија од жанрот комедија-драма за поранешна прва дама која исто така е и државен секретар. Актерската екипа е ѕвездена, а приказната е инспирирана од кандидатурата на Хилари Клинтон за претседател на САД во 2008 година.

War And Peace (BBC)

Адаптацијата на романот „Војна и мир“ за пет аристократски семејства во Русија по инвазијата на Наполеон, е склопена во шест продолженија и содржи сѐ што очекувате од една совршена серија: романса, драма, екстравагантна сценографија, војна, хумор и политика, спакувано во еден пакет. Иако приказната ни е позната на сите, нема да можете да ги тргнете очите од екранот ниту за една секунда.

Коментирај