Завршија „Game of Thrones“, „Black Mirror“ и „Chernobyl“. Дебатите уште траат.
Кога ќе стивне возбудата, а темепературите ќе се качат над 35 степени Целзиусови, најдобро е да си седите дома, под клима (или на тераса) и да се посветите на нова серија што целосно ќе го окупира вашето внимание, па потоа да ја препорачувате по социјални мрежи или да им зборувате за неа постојано на колегите кои не се отидени на одмор.
Ново лето, нови серии, нови опсесии. Ние имаме неколку препораки за вас, за да ви помогнеме во изборот.
Ова се сериите што не смеете да ги пропуштите летово:
In The Dark (5 јули)
Минисеријата на BBC од 2017 година од 5 јули ќе биде достапна на Netflix. Приказната за детективката Хелен Викс која се враќа во родното место за да го реши случајот на исчезнување на две тинејџерки е многу повеќе од полициска ТВ-драма.
Pearson (17 јули)
Ако ја гледа(в)те „Suits“, ќе ја обожавате спиноф серијата за Џесика Пирсон, која го смени начинот на кој се доживуваат жените на моќна позиција, особено жените од малцински групи.
Pennyworth (28 јули)
Филмовите и сериите за суперхерои заминаа толку далеку што добивме и серија што ги следи авантурите на батлерот на Бетмен – Алфред Пениворт. Ако не сте знаеле, тој е поранешен припадник на САС и ветеран од Втората светска војна, а серијата ги следи неговите јуначки потфати.
Four Weddings and a Funeral (31 јули)
Незаборавната романтична комедија од 1994 година постигна огромен успех и ја лансираше кариерата на Хју Грант, па има големи надежи истото да се случи со истоимената серија во продукција на Минди Калинг и Мет Варбуртон, а се шушка и дека можно е да се појави и Енди Мекдауел во една од улогите.
Beverly Hills 90210 (7 август)
Уште една серија што се надева дека ќе кешира дебело на носталгијата по 90-тите. Екипата од култната серија се собра повторно за да ја оживее приказната за богаташите од Беверли Хилс. Во екипата го нема само Лук Пери кој почина годинава, но и претходно имаше изјавено дека поради други обврски нема да учествува во снимањето.
Why Women Kill (15 август)
Ако ги сакавте „Desperate Housewives“ и „Devious Maids“, можеби токму вие сте целната публика за новата серија на Марк Чери кој ги направи и првите две. Серијата ги следи приказните на три жени во три ери кои ќе откријат дека сопрузите ги изневеруваат.
On Becoming a God in Central Florida (25 август)
Кирстен Данст се враќа на малите екрани со улога на млада жена која работи во аквапарк и се обидува да се пробие во компанијата што го уништила нејзиното семејство.