Инциденти, протести, жртви и повредени, Меѓународниот ден на трудот го одбележаа низа настани. Работничките синдикати и други организации вчера го одбележаа Први мај со силни демонстрации низ светот.
Во Истанбул беа ангажирани повеќе од 25.000 полицајци кои со солзавец и водени топови ги растеруваа демонстрантите. Во протестите загина едно лице, додека 200 се приведени, а повеќе од 30 се повредени.
Во Москва излегоа повеќе од 100.000 луѓе на Црвениот плоштад.
Во Јужна Кореја излегоа десетици илјади демонстранти кои протестираа против најавените реформи за работните услови, со што се олеснуваат отпуштањата на работниците.
Пет полицајци беа повредени за време на првомајските протести во Сиетл, додека десетици демонстранти беа приведени во текот на „антикапиталистичкиот“ марш во градот. Масовни протести беа одржани во повеќе американски градови како Лос Анџелес, Сан Франциско, Мајами и други.
Први мај беше одбележан со масовни демонстрации и на Филипините. Во Тајпеј, Тајван луѓето излегоа на улиците барајќи Владата да ги намали работните часови и да ги зголеми платите.