Наука

Како била направена дупката на рускиот „Soyuz“ во Меѓународната вселенска станица?

25. декември 2018 - 14:54 | А.С.

Руски астронаут кој ја испитуваше мистериозната дупка на капсулата прикачена на Меѓународната вселенска станица, рече дека отворот бил избушен однатре и дека руските инспектори утврдуваат како се случило тоа.

Космонаутот Сергеј Прокопјев рече дека во тек се испитувањата на примероците што тој и Олег Комоненко ги собраа за време на нивната вселенска прошетка на 12 декември.

Прокопјев и уште двајца членови на вселенскиот екипаж на МВС се вратија на Земјата минатата недела по мисијата во станицата што траеше 197 дена.

Дупката на руското летало „Soyuz“ што беше прикачено на МВС беше забележана на 30 август. Екипажот откри струење што предизвикуваше мало губење на притисокот во капсулата и ја затворија дупката.

На денешната прес-конференција Прокопјев рече дека дупката била направена однатре и дека сега се истражува како настанала.

Тоа што астронаутите и космонаутите ја идентификувале и поправиле дупката укажува дека екипажот во вселената е „подготвен за секакви ситуации“, рече тој.

Дупката не претставувала опасност за Прокопјев и другите двајца астронаути – Серена Аунон Чанселор од НАСА и Александер Герст од Европската вселенска агенција - за време на нивното враќање на Земјата.

Шефот на Руската вселенска агенција „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин во септември изјави дека можно е дупката да била направена уште во текот на производството на капсулата или додека била во орбита.

Тој не ги обвини директно членовите на екипажот на МВС, но неговата изјава предизвика одредена напнатост меѓу „Роскосмос“ и НАСА.

Рогозин во меѓувреме ја ублажи неговата изјава и ги обвини медиумите дека му ги извртиле зборовите.

Прокопјев ја отфрли идејата дека дупката ја направиле астронаутите и рече: „Не треба да имате такво лошо мислење за нашиот екипаж“.

Коментирај