Живот

Како да се заштитите кога купувате онлајн?

17. октомври 2019 - 13:41 | А.С.

Купувањето преку интернет веќе стана секојдневие за многу луѓе и во нашата земја кои ги користат предностите на модерната технологија за да ги одбегнат редиците и гужвите и да пазарат од удобноста на својот дом.

Онлајн шопингот има свои предности, но пред да ги внесете бројките на вашата кредитна картичка, информирајте се како безбедно да го направите тоа и да ги зашите своите лични податоци и секако, своите пари.

Компании од доверба

Пред да почнете со шопингот, побарајте информации за таа страница, компанија, онлајн продавница. Внимателно прочитајте ги мислењата на корисниците, нивните искуства, информирајте се каков е имиџот и рејтингот на компанијата во медиумите, на социјалните мрежи и во коментарите на корисниците. Најдобро е да почнете користејќи страници кои ви ги препорачале ваши блиски луѓе кои имале позитивно искуство. Секогаш проверувајте дали имаат наведено функционален телефонски број и e-mail адреса за контакт, во случај нешто да не е во ред со вашата нарачка.

Безбедност

Никогаш немојте да користите онлајн продавница чиј URL е обичен http. Купувањето е безбедно само ако во ја видите ознаката за https протокол. Значи, проверете дали го има тоа дополнително „s“, дали на тоа место има икона со затворен катанец или адресната линија е означена со зелена боја. Ова се знаци дека комуницирате на безбеден начин и дека сите податоци што ги разменувате со серверот се енкриптирани.

Споделување информации

Легитимните компании никогаш нема да побараат информации за вашата сметка или број на картичка преку e-mail или во chat box на сајтот, туку секогаш само преку онлајн продавницата, односно местото назначено за внесување податоци откако веќе сте го избрале посакуваниот производ или услуга. Генерално, не треба да споделувате повеќе лични податоци од вашето име и презиме, адреса и број на картичка и тоа само на провереното место во назначениот webshop.

Користење туѓ компјутер

Јавните компјутери, како на пример во хотел, интернет кафе, книжарница и слично, не се препорачливи за обавување на онлајн финансиски трансакции каде внесувате лозинки и број на картичка. Вие не знаете колку е безбеден тој компјутер и дали во него има малвер што ќе ги „прибере“ вашите лични податоци и ќе ги злоупотреби. Исто така, немојте никогаш да користите јавна Wi-Fi мрежа за да извршите онлајн финансиска трансакција, дури и преку ваш лаптоп, смартфон, таблет или персонален компјутер.

Коментирај