Живот

Како изгледа денес: Титаник потона пред 107 години, сега му се заканува исчезнување

17. септември 2019 - 14:14 | А.С.

Славниот патнички брод RMS Titanic бил нарачан во 1908 година,  а заплови во 1912 година. Првото патување на тогаш најголемиот патнички брод заврши кобно – бродот удри во санта мраз, се скрши и потона.

Оваа тажна приказна е позната, за неа се пишувани книги и се снимани филмови. Но, што се случува со останките од славниот брод што потона во Атлантскиот Океан во април, 1912 година, со 2.224 патници, од кои повеќе од 1.500 загинаа во несреќата.

Бродот денес се наоѓа на дното на океанот, на длабочина од 3,7 километри од површината. Останките на грандиозниот брод што се скршил на половина, прв пат беа откриени во 1985 година. Уште тогаш беа видливи оштетувањата од солената вода – некогашната убавица бавно, но сигурно ‘рѓосува и исчезнува во темнината на ладниот Атлантски Океан.

Џејмс Камерон, режисерот на славниот филм „Titanic“ (1997) е еден од оние ентузијасти вљубени во приказната за бродот и тој ги има посетено останките под вода три пати.

Но, патувањето на дното на океанот не е така евтин потфат, па по неколку експедиции за истражување и неколку посети на филмски екипи кои снимаа документарци, луѓето престанаа да го посетуваат славниот брод.

А и зошто би оделе да ја видат ‘рѓосаната грдосија? Прво, тоа е место каде починаа многу луѓе и сега тоа е нивното вечно почивалиште. Второ, нема многу што да правите таму – останките беа темелно испитани и експедициите вратија бројни артефакти.

Па така, никој не го беше посетил Титаник цели 14 години. Сѐ досега.

Научници и филмаџии се вратија на дното со подморницата DSV Limiting Factor долга 4,6 метри и висока 3,7 метри и видоа дека бродот буквално исчезнува, океанот еден ден целосно ќе го „голтне“.

Паркс Стивенсон, историчар за Титаник, вели дека корозијата е најголема кај кабините на капетанот и екипажот. Кадата во кабината на капетанот, што беше омилен предмет на ентузијастите фасцинирани со Титаник, веќе ја нема.

Научниците сепак биле изненадени колку брзо напредува корозијата во овој мрачен, ладен предел каде температурата на водата е околу 1 степен Целзиусов. Се чини дека има идеални услови бродот да се зачува, да се конзервира во таа средина, но бактерија која „јаде“ железо и вирее во овие води и таму има доволно кислород за да може да „цвета“ корозијата.

ТУКА може да ја видите снимката од најновата посета на подводните останки на Титаник, а ТУКА разговорот со Тим Тејлор, експерт за нуркање кој соработувал со тимот што ја изведе последната посета.

Коментирај