Човечкото тело има огромна површина која е во контакт со надворешниот свет – кожата. Таа нè штити од потенцијални закани, но иста улога имаат и носот и устата кои во текот на дишењето се во контакт со надворешниот свет. Сите површини во телото ги штитат клетки кои се борат против патогени, создавајќи бариера која е првата одбранбена линија.
Клетките во респираторниот систем произведуваат леплива супстанца, секрет кој ги „фаќа“ бактериите, вирусите и честичките слични на прашина, спречувајќи ги да навлезат во ткивата. Но, кога одбраната на организмот не успева и патогените навлезат во нашите ткива во организмот се случува инфекција, вирусна или бактериска.
Кога нè боли грлото тоа е всушност добра работа. Црвенилото и воспалението се појавуваат поради проширување на крвните садови за да се засили циркулацијата на крвта до инфицираните ткива, каде белите крвни зрнца се борат против патогените. Сето тоа е механизам на одбрана, за телото да ги уништи вирусите.
Но, зошто истовремено се случува да ни тече носот и да нè боли грлото?
Одговорот го дава доктор Адам Тејлор, кој објаснува како тие две работи се поврзани.
„Секретот кој ги штити дишните патишта се произведува и во други делови на телото, како гастроинтестиналниот систем. Вкупно произведуваме околу 1,5 до 2 литри секрет дневно кога сме здрави и тој секрет се голта. Знаете зошто сите ве советуваат да пиете што повеќе течности кога сте настинати, имате грип или респираторна инфекција? Затоа што се зголемува производството на овие течности во обид организмот да ги исфрли инфекциите од телото“, вели тој.
Секретот се произведува и во синусите, тој секрет го исфрламе низ нос, додека оној произведениот во долните дишни патишта преку искашлување.
Зошто кашламе?
Кашлањето е заштитен механизам со кој телото се обидува да ги прочисти дишните патишта. Кашлицата го турка воздухот од белите дробови за да се исфрли тоа што му пречи на нормалното дишење. Кога ни тече носот, дел од секретот исто така се слева во грлото и тоа може да биде причина за кашлање.
Понекогаш, организмот не успева да се ослободи од инфекцијата со кашлање, па патогените стигаат до белите дробови, предизвикувајќи бронхитис. Кашлицата може да потрае уште некое време по инфекцијата затоа што вирусот одговорен за инфекцијата доведува до зголемување на дините патишта, а чувствителните внатрешни делови на телото се обидуваат да го возвратат ударот.
На ткивото му е потребно малку повеќе време отколку на респираторните систем да се смири по инфекција. Но, ако кашлицата по настинка трае подолго време треба да одите на лекар, советува доктор Тејлор.