Свет

Како реагираше Трамп за извештајот на Роберт Малер?

19. април 2019 - 13:07 | Б.С.Б.

Специјалниот обвинител Роберт Малер ја заврши истрагата за можната вмешаност на Русија во американските претседателски избори во 2016 години и извештајот го предаде до јавниот обвинител на САД.

Министерството за правда на САД вчера го објави извештајот на Малер, според кој нема докази за заговор меѓу Русија и изборниот штаб на тогашниот кандидат, а сега американски претседател, Доналд Трамп.

Малер во извештајот ги претстави резултатите за истрагата која се фокусираше на наводното мешање во претседателските избори во САД, од страна на Русија. На тие избори победи Доналд Трамп и стана лидер на најмоќната земја во светот.

И додека новинарите ги исчитуваат страниците од извештајот за Трамп, американскиот претседател ова го протолкува како негова голема победа.

На Twitter објави своја фотографија, во стилот на популарната серија „Game of Thrones“.

„Играта е завршена“ – Game Over, порачува Трамп.

Што велат Русите за извештајот?

„Во објавената верзија на извештајот на американскиот специјален обвинител Роберт Малер не постојат докази за вмешаноста на Русија во претседателските избори во САД“, изјави денеска директорот на Одделението за Северна Америка при руското Министерство за надворешни работи, Георгиј Борисенко.

Тој истакна дека извештајот „го потврдува непостоењето на какви било аргументи” за наводното мешање на Русија во изборите во САД во 2016 година.

„Тука нема ниту еден доказ. Авторите на извештајот всушност признаа дека немаат за што да известат“, оцени Борисенко.

Коментирај