Кошарка

Картер ќе игра рекордна 22-ра сезона

6. август 2019 - 9:21 | Ф.З.

Винс Картер и во новата сезона ќе игра за Атланта Хокс откако потпиша нов договор за да ја одигра својата последна НБА сезона, 22-ра по ред со што ќе стане единствениот кој толку долго играл во најдобрата кошаркарска лига во светот минувајќи ги легендарните Новицки, Гарнет, Периш и Вилис.

Најстариот НБА кошаркар сепак нема да оди во пензија туку ќе игра уште една сезона. Го продолжи договорот со Атланта на уште една година на паркетот, а потоа ќе продолжи во клубот како советник. Во февруари 2020 ќе полни 43 години.

За Картер нареднава сезона ќе биде 22-ра со што ќе ги надмине Роберт Периш, Кевин Вилис, Кевин Гарнет и Дирк Новицки кои застанаа на 21 сезона. Можеше да му парира единствено Германецот, но Новицки ја заврши кариерата токму изминатава сезона.

Винс Картер кариерата ја почна во Торонто Репторс, потоа играше и за Њу Џерси Нетс, Орландо Меџик, Феникс Санс, Далас Маверикс, Мемфис Гризлис и Сакраменто Кингс пред минатото лето да се пресели во Атланта. Ниту еднаш не успеа да стане шампион на НБА, но со репрезентацијата на САД освои злато на ЛОИ во Сиднеј во 2000 година.

Коментирај