Фудбал

Катар готов со два стадиона за Мундијалот во 2022 година

14. јануари 2019 - 17:59 | МИА / КАЈГАНА
Ал-Вакра, 14 јануари 2019 (МИА) – Два од стадионите кои се градат во Катар специјално за Светското првенство во фудбал во 2022 година, ќе бидат пуштени во употреба годинава.

„Стадионите „Ал-Вакра“ и „Ал-Беит“ кои се градат за СП 2022, се наоѓаат во завршни фази на изградба и ќе бидат пуштени во употреба во 2019 година. Покрај тоа, до крајот на годината се планира завршување на изградбата на стадионите во Доха и Ал Рајан, се вели во соопштението.

Стадионот „Ал-Вакра“ има капацитет од 40.000 места и е направен во стилот на традиционален арапски брод. Дизајнот на објектот е посветен на морнарите во Персискиот Залив. „Ал-Беит“, стадионот во Ал-Хор, има 60.000 места и е во форма на традиционален арапски шатор.

Стадион „Ал-Рајан“ ќе го одразува гостопримството на Катар и е со капацитет од 40.000 места, а стадионот „Катар Фаундејшн“ ќе комбинира во себе модерната технологија и наука и ќе биде за 45.000 гледачи.

За СП 2022 ќе бидат изградени или реконструирани осум стадиуми. Во моментов е во функција еден – „Калифа“ во Доха, кој има капацитет од 40 илјади седишта.

Светското првенство во фудбал во Катар ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година, во седум градови низ земјата.

Коментирај