Македонија

Катица Јанева веќе неколку часа дава исказ за „Рекет“

20. август 2019 - 14:03 | МИА

Скопје, 20 август 2019 (МИА) – Во Обвинителството за организиран криминал речиси четири часа трае распитот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за случајот „Рекет“, во кој осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милески за рекетирање бизнисмени.

Јанева дојде во Обвинителство изутрината околу 10 часот во придружба на адвокатот Стеван Павлески. Во кусата изјава за новинарите рече дека очекува нејзиниот денешен исказ да помогне да се забрза истрагата за „Рекет“.

– Јас сум сѐ уште специјален обвинител. Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд. Се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен. Што се однесува до мојата изјава денеска се надевам дека со моите аргументи и мојата изјава ќе ја забрзам истрагата, изјави Јанева.

Досега во Обвинителството искази дадоа тројца обвинители од СЈО, Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми. Вчера на распит беше донесен второосомничениот Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Катица Јанева и Лиле Стефанова беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник La Verità, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.

Коментирај