Најмалку 155 полицајци се повредени во нереди на навивачите на натпреварот меѓу Динамо од Берлин и Енерги од Котбус во германската четврта лига група Североисток, соопшти берлинската полиција.
Полицијата соопшти дека при вдишување на солзавецот испукан од полицијата за да се спречат немирите се повредени 43 градски и 73 федерални полицајци, телесно се повредени 28 федерални полицајци, а 11 од нив се здобиле со рани од пиротехнички средства.
Bild наведува дека се уапсени 74 навивачи, а против 62 е поднесена кривична пријава, меѓу другото, за „нарушување на мирот, физички напади врз органите на прогонот и давање отпор при апсење“.
Натпреварот беше прекинат во 20. минута поради тепачка на трибините, при што навивачите на Динамо запалија шалови и знамиња со симболите на ривалскиот тим.
Во соопштението се додава дека навивачите пукале со пиротехнички средства кон полициските сили и редарите кои стоеле во близина на теренот, по што припадници на безбедносните сили влегле на трибините и се обиделе да ги приведат навивачите.
Енерги победи со 2:0, а судирите меѓу навивачите продолжија и по натпреварот, пишува Bild. Тимот од Котбус остана лидер на табелата на две кола пред крајот, со два бода повеќе од Грајфсвалд, со големи шанси за враќање во третата лига.
Табела: