Универзитетската клиника за радиологија соопшти дека пациентот кој вчера предизвика инцидент на Клиниката за радиологија немал закажано преглед преку „Мој термин“, туку требало да биде дополнително снимен на барање на докторот, заради поточно утврдување на дијагнозата.
Додека чекал пациентот да биде извршено доснимување во тој период течеле прегледи на веќе закажани пациенти.
Како што соопштуваат од Клиниката, во истиот момент доаѓал болничар од шок соба за закажување на итен болнички пациент, па пациентот мислел дека ќе биде внесен дополнителен пациент по што насилно се нафрлил врз болничарот.
Технологот од Клиниката се обидел да ги оддели при што и тој бил нападнат.
На тоа реагирало клиничкото обезбедување, а потоа и полицијата. Според пријавата на Министерството за внатрешни работи, пациентот нападнал персонал во Клиниката бидејќи му бил презакажан преглед преку „Мој термин“. Тој го навредувал персоналот, го нападнал болничарот и го скршил стаклото од вратата на Клиниката.