Книги
Предлог за читање

Книга: „Изгубени во љубовта“ – Тарин Фишер

18. ноември 2015 - 17:13 | Билјана Стефановска-Богоеска

Младата писателка Тарин Фишер е родена во Јоханесбург, Јужна Африка. Таа е авторка на шест бестселер книги на New York Times и USA Today. Нејзини познати романи се „Marrow“, „Mud Vein“, „The Opportunist“, „Dirty Red“ и „Thief“. Живее во Сиетл со семејството, каде работи на новата книга.

Романот „Изгубени во љубовта“ (The Opportunist) кај нас е преведен на македонски јазик, во издание на Култура. Тоа е првата книга од серијалот „Love Me With Lies“, останатите две се „Dirty Red“ и „Thief“. Дејството во првата книга е поставено околу главниот женски лик, Оливија Каспен која дознава дека нејзиното поранешно момче Кејлеб Дрејк ја има загубено меморијата. Тој на ништо не се сеќава, а Оливија сакајќи да ја искористи ситуацијата повторно се зближува со него.

Сеќавањата на минатото повторно се враќаат, таа се присетува на моментите кога за прв пат го запознава, на првиот споделен бакнеж, на првото заедничко излегување, на многуте пријатни моменти минати заедно. Се труди да го задржи неговото внимание и уште повеќе да го оддалечи од минатото во кое го има повредено. Сака да изгради нови спомени со него, нова иднина, но има еден проблем.

Кејлеб има девојка која ќе направи сè за Оливија да биде заборавенa засекогаш. Лија Смит е  црвенокоса девојка, со големи амбиции во кариерата и љубовта, девојка која не се плаши да искористи различни средства за реализирање на крајната цел.

Борбата меѓу нив двете ќе го дефинира животот на Кејлеб. Изборот е секогаш тука, но дали ќе биде правилен? Последиците од лагите се нешто од кое човек не може да избега, кога тогаш сите се соочуваме со вистината, без разлика колку е таа болна. Како човек да се избори за љубовта кога се наоѓа на црвената линија меѓу омразата и љубовта?

Романот е полн со експлозивни моменти и емоции кои го оставаат читателот збунет да расуди чија одлука е правилна, кој момент е незаборавен, дали таа одлука е навистина потребна. Ликовите во книгата се измачени од емоции, растргнати меѓу себе од емотивен ролеркостер кој ги бранува нивните животи.

Дали вреди да се даде втора шанса на првата љубов во животот? Оливија ќе се бори за љубовта, а во тој процес ќе открие дека кога вистински сакаш некого понекогаш е најдобро да го ослободиш од стегите на сопствените чувства и да го пуштиш да те пронајде во најдобриот можен момент.

Книгата изобилува со драматични пресврти и интересни ситуации. Иако станува збор за љубовен роман истовремено содржи крими елементи кои му даваат посебен ефект на дејството, особено затоа што не станува збор за клише приказна со предвидлив крај. Секако дека приказната не е секојдневна, но е добро осмислена со ликови кои се или премногу горди или премногу патетични за да ја донесат вистинската животна одлука, исто како луѓето во реалниот живот.

Коментирај