Фудбал

Кого следеше Мурињо на историскиот дуел меѓу Црна Гора и Србија?

12. октомври 2018 - 10:23 | М.Д.

Жозе Мурињо во Подгорица им го украде шоуто на фудбалерите на Црна Гора и Србија, кои во рамките на Лигата на нациите ја одиграа првата меѓусебна средба откако во 2006 година нивните држави ја прекинаа заедницата во која живееја 88 години.

Србија победи со 2:0 преку головите на Александар Митровиќ, но како што веќе истакнавме, ѕвезда на вечерта беше Мурињо, за кого најмногу се зборуваше пред, за време и после натпреварот.

Иако се обиде да не биде впечатлив, сепак едниот од најславните тренери во историјата едноставно не можеше да не биде забележан.

Во ложата се појави со црногорските легенди Дејан Савичевиќ и Предраг Мијатовиќ, па камерите постојано вниманието го свртуваа кон ова трио.

Секако, Мурињо не дојде во Подгорица за да ги разгледува историските знаменитости, туку за да ужива во гледање на играч кој му е доста интересен.

Станува збор за 21-годиниот Никола Миленковиќ, стоперот на Србија, кој оваа година за Фиорентина игра одлично како десен бек, и е еден од најдобрите млади одбранбени играчи на светот.

Миленковиќ е висок 195 сантиметри и може квалитетно да ги покрие двете споменати позиции, па се чини како идеален човек за решението во одбраната на Мурињо, најкритичниот проблем во Јунајтед.

Високиот дефанзивец направи трансфер во Фиорентина минатото лето за 5 милиони евра од Партизан. Од пролетниот дел од првенството минатата година стана стандарден, а оваа година и незаменлив во редовите на италијанскиот клуб. Веќе постигна и два гола оваа година во Серија А, каде ги одигра сите 720 минути.

Во репрезентацијата исто така е одличен, а кај селекторот Крстајиќ дебитираше оваа пролет и веднаш стана клучен играч, кој од почетокот до крајот ги одигра сите натпревари на Мундијалот во Русија, а таков статус има и оваа есен.

Против Црна Гора ги одигра сите 90 минути.

Коментирај