Свет

Кои се браќата Куаши, осомничени за убиствата во Париз?

8. јануари 2015 - 21:12 | Макфакс

Шериф Куаши, помладиот од двајцата браќа осомничени за масакрот во редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo, од претходно им бил познат на безбедносните служби за сузбивање на тероризмот како џихадист и веќе бил осудуван поради учество во мрежа за испраќање борци во Ирак. Неговиот брат, 34-годишниот Саид, нема полициско досие.

Браќата Шериф и Саид Куаши, заедно со уште двајца браќа и сестра, шест години биле сместени во воспитна установа во Коресе, пишува агенцијата AFP.

„Децата во 1994 годна ни ги доверија социјалните служби во Париз, бидејќи живееле во проблематично семејство“, изјави за La Montagne, Патрик Фурние, раководител на воспитувачите во споменатата воспитаната установа.

Тој ги опишал како целосно интегрирани и како личности кои никогаш немале проблеми со однесувањето во текот на нивното шестгодишно престојување во домот.

„Саид заврши хотелиерско училиште, а Шериф заврши електротехничко училиште“, додал Фурние.

Шериф Куаши, роден 1982 година во Париз, бил познат под прекарот Абу Исен и бил припадник на мрежата Буте-Шомон, наречена по еден париски кварт. Под водство на емирот Фарид Бенјету, таа мрежа била создадена со задача да испраќа џихадисти во Ирак.

Пред да замине во Ирак Шериф бил уапсен во 2008 година и осуден на три години затвор, од кои 18 месеци условно. Во затворот Флери-Мероги, каде од ноември 2005 до октомври 2006 година бил во притвор, се запознал со Џамал Бегал, претставник на францускиот радикален ислам, осуден на десетгодишна затворска казна поради подготовка на атентати. Помладиот Куаши од тогаш бил под влијание на Бегал и се истакнувал со многу строго придржување на исламските прописи.

Францускиот социолог Жан-Пјер Филиу, добар познавач на радикалното исламистичко движење, смета дека Шериф Куаши е поврзан со џихадистичката сунитска организација Исламска држава.

Другиот брат, Саид Куаши, роден 1980 година, исто така во 10-от арондисман на Париз, до нападот врз редакцијата на Charlie Hebdo не го привлекувал вниманието на француската полиција. Неговата лична карта е пронајдена во автомобилот кој осомничените го оставиле во Париз.

На првата потерница беше објавено и името на третиот осомничен, 18-годишниот Мурад Хамид, шура на еден од браќата Каши. Тој е осомничен дека им помагал на напаѓачите. Еден очевидец изјавил во истрагата дека во автомобилот во момент на бегството имало и трето лице.

Мурад Хамид во средата навечер ѝ се предаде на полицијата во Шарлевил-Мезоер, откако видел дека неговото име кружи на социјалните мрежи, изјавил соговорникот на AFP. Корисници на интернет кои се претставиле како негови училишни другари, малку пред тоа напишаа на Twitter дека за време на нападот тој бил заедно со нив на училиште.

Откако претходно се пожалија дека медиумските извештаи и постовите на социјалните мрежи ја попречуваат потрагата по осомничените, француските безбедносни служби значително ги редуцираа информациите за текот на операцијата.

Коментирај