Свиркачот кој поднесе жалба за телефонскиот разговор на Трамп со украинскиот шеф на државата Володимир Зеленски, е службеник на ЦИА кој во одреден момент бил запознат со работите во Белата куќа, објави New York Times.
Според весникот, свиркачот бил распореден да работи во Белата куќа, но откако поднел жалба се вратил во ЦИА. Весникот нагласува дека врз основа на формулацијата на жалбата, може да се заклучи дека тој добро ја познава украинската политика.
Адвокатите на службеникот на ЦИА истакнуваат дека објавување информации за него би било опасно и дека тој има право на анонимност.
Уредникот на Mew York Times, Дин Бејк ја брани одлуката на весникот да објави информации за свиркачот истакнувајќи дека неговата улога е клучна за да се разбере едно од најважните прашања со кои се соочува државата – дали претседателот ја злоупотребувал моќта и дали Белата куќа тоа го криела.
Извештајот на весникот досега го потврдиле три извори и е најдетален опис на инсајдерот чиј идентите допрва треба да биде објавен, нагласува New York Times.
Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на САД објави извештај на свиркачот, од каде ја отстрани назнаката за доверливост, во кој се наведува дека американскиот претседател Доналд Трамп ја искористил својата позиција за да повика на мешање на странска држава во претседателските избори во 2020 година. Во жалбата свиркачот напишал дека во рамките на своите задолженија дознал дека Трамп ги злоупотребил своите претседателски надлежности за „да издејствува мешање на друга земја во изборите на САД во 2020 година“. Тоа се гледа од настојувањата на Трамп до раководството на Украина да истражува за активностите на Хантер Бајден, син на неговиот политички противник, Џо Бајден. Од транскриптот се дознава дека Трамп бара од украинскиот претседател да започне истрага за наводна корупција во семејството Бајден.
– Ова е противзаконско дејство и изневерување на претседателската заклетва, обвинуваат демократите, а со цел „да се нашети на политички противник“.
Поранешниот американски потпретседател Џо Бајден е меѓу водечките кандидати на Демократската партија за номинација за следните претседателски избори во 2020 година.
Американскиот Конгрес почна истрага за тоа дали американскиот претседател треба да биде отповикан.