Ф1

Кој е милијардерот тинејџер кој ќе вози за Вилијамс?

4. ноември 2016 - 14:02 | Макфакс

Екипата на Вилијамс во четвртокот објави дека наредната сезона тимски колега на Валтери Ботас ќе биде 18-годишниот Канаѓанец Ленс Строл. Овој тинејџер ќе го замени Фелипе Маса кој по завршувањето на сезоната ќе се пензионира.

Ленс Строл е 18-годишно момче, но она што е посебно важно за него е дека тој е син на канадскиот милијардер, Лоренс Строл, чиешто богатство според Forbes изнесува 2,4 милијарди долари.

Првите коментари во светот на автомобилизмот се дека Строл го добил своето место во Формула 1 благодарение на богатиот татко, но неколкумина аналитичари сметаат дека тој претставува идеална комбинација на талент и пари.

„Дојдов во Формула 1 благодарение на парите, тоа не го порекнувам. Но, мислам дека јас го заслужив тука, бидејќи победував во секое натпреварување во кое настапував. Повеќе место во Формула 1 не можеш да купиш само со пари, воведена е суперлиценца, мораш да се докажаш за да бидеш тука“, рекол младиот Строл.

Ленс Строл на 29. октомври наполни 18 години, а оваа сезона победи во европската Формула 3. Претходно бил шампион во италијанската Формула 4 и во јуниорската серија на Тојота, што му донесе доволно бодови за да ја добие суперлиценцата за Формула 1.

Досега возел за „Prema racing team“ за кој настапува и синот на легендарниот Михаел Шумахер, Мик, но Строл е многу поуспешен од возачот кој носи славно презиме.

Канаѓанецот зад себе има константни резултати, доволно добри за да му овозможат да ја прескокне последната пречка до Формула 1, серијата GP2.

Богатиот татко на Строл му овозможи голем број на тестирања во старите Формула 1 болиди, што значи дека до март наредната година ќе биде подготвен за настап во „најбрзиот циркуз“.

Ленс Строл ќе биде најмладиот дебитант наредната сезона, но рекордот за најмлад учесник и победник во Формула 1 трка е во сопственост на Макс Ферстапен.

Коментирај