Здравје

Колку се штетни газираните пијалоци за здравјето?

5. септември 2019 - 13:38 | М.С.

Истражувањето кое опфати повеќе од 400 илјади луѓе во Европа, утврди дека ризикот од рана смрт е зголемен кај луѓе кои консумираат две или повеќе чаши газирани пијалоци засладени со шеќер. 

„Нашите резултати за засладени газирани пијалоци даваат дополнителни аргументи за ограничување на нивната потрошувачка и нивна замена со други поздрави пијалоци, по можност вода. Што се однесува до вештачки засладени газирани пијалоци, се надевам дека ваквите студии ќе бидат поттик за промена на животниот стил“, рече авторот на студијата Нил Марфи. Тој додаде дека можеби самите газирани пијалоци не се во коренот на проблемот, туку нивната прекумерна употреба.

Тој како пример наведе дека консумирањето на големи количини на газирани пијалоци е знак на општо нездрава исхрана.

Испитаниците ги пополнија прашалниците за нивната исхрана, начин на живот, образование, пушење, консумирање алкохол и физичка активност. Луѓето со карцином, срцеви заболувања и дијабетес беа исклучени од студијата.

Точно 451.743 лица со просечна возраст од 51 година учествуваа во студијата. За време на 16-годишното истражување, починале 41.693 луѓе.

При проучување на нивните податоци, научниците ги земале предвид факторите кои можат да го зголемат ризикот од предвремена смрт, како што се индекс на телесна маса и пушење. Тие открија дека субјектите кои консумираат две или повеќе чаши засладени газирани пијалоци на ден, имаат 17 проценти поголема шанса за смрт, споредено со оние кои консумираат помалку од една чаша газирани пијалоци месечно.

Коментирај