МК сцена

Концертна промоција на новиот албум на Смат

25. октомври 2012 - 15:05 |

Скопската метал формација Смат (Smut) утре концертно го претстави својот нов музички материјал. По успешната промоција на новиот албум, промоцијата на новиот видео спот за песната „Срце на бина“ и концертните гостувањата надвор од Македонија, хероите на домашната металкор сцена ќе ја почестат скопската публика со концертна промоција на материјалот од нивниот последен студиски албум „Мемоарите на скршениот човек“.

Концертна вечер во клуб „Хавана“ ќе биде засилена и со настапите на нивните гости, групите Hardfaced (Охрид) и Outlaw (Скопје).

Влезниците во претпродажба можете да ги најдете во Југотон Рекордс, Custom Pub, Кафе Браво, Кафе Круг (Аеродром), по цена од 200 денари, а истите на денот на концертот ќе чинат 250 денари. Почетокот на концертот е во 21 часот.

Ова ќе биде прв настап на SMUT во нивниот роден град после повеќе од година дена, на кој момците ќе го презентираат комплетниот материјал од последниот албум, но секако и дел од нивниот претходен опус. Од нивниот последен концерт во Скопје, бендот беше целосно посветен на подготовките токму на овој албум.

Во меѓувреме дел од новиот репертоар претставија во Софија (Бугарија) на 16ти јули, кога втор пат во досегашната кариера настапија како предгрупа на нивните музички херои, славниот американски бенд Hatebreed.

Во меѓувреме, оние кои сѐ уште немаат претстава што ги очекува на утре (26ти октомври) во клуб „Хавана“, можат да го преслушаат последниот албум на SMUT на овој линк. “Мемоарите на Скршениот Човек” е нивниот нов, четврти студиски албум, кој е во издание на „Password Production“ и е сниман на разни локации. Албумот содржи десет моќни композиции низ кои Smut ја испреплетуваат болката на еден млад човек и неговата конфузна реалност кој целиот свој живот го поминал во транзиција. „Мемоарите на Скршениот Човек“ беше официјално објавен во април годинава, а за само неколку месеци ги собра одличните оценки на музичките критичари во регионов. Албумот е оценет како прогресивен и концептуален, наметнувајќи се како разнообразно моќно издание кое со одличните аранжмани и мелодии ги надминува клише ограничувањата на хардкор, металкор, модерно или олд скул.

Коментирај