Ова беше една од епизодите на Carpool Karaoke што се очекуваше со најголемо нетрпение.
Откако почна да се емитува овој сегмент во The Late Late Show на Џејмс Корден, обожавателите бараа музичката икона Селин Дион да влезе во автомобилот и да пее заедно со омилениот британски водител во САД.
И Селин не разочара. Покрај тоа што ги отпеа нејзините најголеми хитови како „It's All Coming Back to Me Now“, „I Drove All Night“ и „Because You Loved Me“, таа беше урнебесно забавна и искрена за сите прашања што ѝ ги постави Корден.
Ги начнаа темите за нејзината огромна колекција чевли, за животот под лупа и секако, мегауспехот со хитот „My Heart Will Go On“ што го изведоа со Корден имитирајќи ги Кејт Винслет и Леонардо Дикаприо во славната сцена од филмот „Titanic“.