Хроника

Кривична за разбојникот кој украде часовник вреден 7.000 евра

6. јануари 2017 - 16:13 | Макфакс

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гевгелија поднесе кривична пријава против 23-годишен жител на гевгелиското Прдејци, поради сомневање дека е сторител на разбојничкиот чин од вторникот, кога турски државјанин беше ограбен за 5.000 евра и рачен часовник Rolex вреден 7.000 евра.

Осомничениот за стореното дело „разбојништво“, министерството за внатрешни работи го идентификуваше со иницијалите Н.П. од Прдејци.

Според сознанијата, тој во вторникот, 3-ти јануари годинава, околу 19,30 часот, во селото Мрзенци, гевгелиско, по претходен план се прикрил и го причекал во куќата каде што престојувал како потстанар оштетениот турски државјанин. Во моментот кога оштетениот заедно со неговата девојка ја отклучиле вратата, напаѓачот со маска на лицето и вооружен со пиштол, извршил разбојништво над 28-годишната Л.Д. и 31-годишниот А.Џ. и двајцата од Турција.

Разбојникот ја турнал девојката, а со пиштол го удрил оштетениот во пределот на главата нанесувајќи му телесни повреди, по што паднал на земја. Потоа со закана му одзел 5.000 евра и часовник „Ролекс“ во вредност од 7.000 евра, и веднаш побегнал во непознат правец.

Гевгелиската полиција, веднаш откако инцидентот бил пријавен, ги преземала мерките и за идентификација, пронаоѓање и фаќање на сторителот.

Коментирај