Шефот на италијанската компанија Стефано Доменикали потврди дека првите примероци на нивниот SUV модел Urus ќе излезат од производните траки во текот на април. Сепак тој вели дека тоа ќе бидат првите прототипи, а не сериски возила наменети за купувачите.
„Производството ќе почне во април, а првично ќе направиме неколку автомобили кои ќе бидат прототипи. Тоа е многу деликатен процес во развојот на модел, со оглед на тоа дека станува збор за целосно нов автомобил во нашата гама“ - вели Доменикали.
Тој објаснува и дека пред претставувањето на серискиот модели, потребно е да се едуцираат продавачите и луѓето вработени во претставништвата на Lamborghini низ светот, за детално да го запознаат новиот модел.
Најавите се дека серискиот модел ќе се појави во 2018 година на пазарот, а како ќе изгледа конечната верзија на SUV моделот, веројатно ќе биде откриено на автомобилскиот саем во Женева.