Свет

Леден бран над Европа: Десет жртви во Полска, Босфор затворен, најстуден Божиќ во Москва

8. јануари 2017 - 9:32 | Kајгана/Макфакс

Вчера во Европа се регистрирани поларни температури кои однесоа повеќе животи, во Истанбул донесоа снежна покривка и затворање на Босфор, а во Москва најстудениот Божик во последните 120 години.

Причината за поларниот студ кој на почетокот од викендов го зафати европскиот континент, и според најавите би требало да трае до недела, е поларниот фронт кои од Скандинавија продира во централна Европа.

Десет луѓе се смрзнале последните два дена во Полска, каде што температурите во некои делови од земјата паднаа и под минус 20 Целзиусови степени, соопшти во саботата државниот Институт за државна сигурност (RCB).

„Седум лица починаа од студ во петокот, кога се забележани и најмногу жртви годинава. Уште три лица починаа ден претходно“, изјави Божена Висоцка, портпаролката на Институтот и додаде дека со тоа „бројот на жртви од смрзнување од 1-ви декември се зголемил на 53“.

Најмалку седум луѓе починале во Италија од студ во последните два дена. Пет жртви од смрзнување во Италија се бездомници, меѓу кои двајца полски државјани, и покрај тоа што властите пред најавеното заладување настојуваа да ги засолнат сите луѓе без покрив над главата.

Руската престолнина каде што живата во термометарот се спуштила до минус 29,9 степени, а во околината до минус 33,4 Целзиусови степени според центарот Фобос, го славеше Божик на температури какви што не се регистрирани последните 120 години. Притоа се одбележува дека најниската температура за Божик во Москва е забележана во 1881 година кога биле измерени минус 35 степени.

Во „северната престолнина“ Санкт Петербург, каде што е забележана температура од минус 24 степени, полицијата нашла тело на маж кој се смрзнал ноќта кон саботата.

Турција е зафатена од снежна виулица којашто го парализираше мегалополисот Истанбул, каде што во саботата се откажани стотина летови во аеродромите, а прекинат е и сообраќајот преку Босфорскиот теснец. Сепак, метеоролозите најавуваат дека силниот ветар ќе стивне во текот на ноќта кон неделата, но дека температурите во Истанбул и следните денови ќе останат под нулата.

Во Бугарија, во близина на границата со Турција , откриени се телата на двајца илегални имигранта од Ирак, починати од студ. Во грчката престолнина Атина во саботата температурата е на нулата, а на северот од земјата до минус 15 степени.

Според сајтот Meteonews, и Швајцарија ноќта кон саботата била погодена од поларен студ. Така во Давос се измерени минус 19, во Берн минус 15,5 степени. 

Студениот бран покрај Македонија, од петокот ги зафати и балканските земји, спуштајќи ги температурите и до минус 27 степени, главно во горските предел на Босна, и на југот и истокот од Србија. Но студот не ги спречи католичките верници во албанскиот град Драч, според традицијата да се искапат во морето по повод Богојавление, на температура од малку под нулата.

Коментирај