Свет

Ловците на НЛО тргнаа кон Областа 51, војската на САД се мобилизира

20. септември 2019 - 10:19 | Ф.З.

Дојде денот за „напад“ на забранетата Област 51. Голема маса на луѓе веќе пристигнува во Невада, а војската на САД побара засилување за да се справи со овие ентузијасти.

Можеби Facebook им го избриша настанот „Storm Area 51, They Can’t Stop All of Us“, но ловците на вонземјани сепак пристигнуваат во околината на забранената област.

Два фестивала се организираат во Невада во чест на потрагата по вистината. Alienstock настанот се одвива во малото село Рејчел, додека во гратчето Хико се организира журка кај фамозниот Центар за вонземско истражување на кој настап ќе има и популарниот диџеј Пол Окенфолд.

Федералната администрација за авијација (ФАА) го затвори воздушниот простор околу целото подрачје околу Областа 51 поради страв од дронови кои ќе пробаат да влезат во забранетата област за да снимаат.

Локалните власти немаат доволно луѓе за да се справат со илјадниците посетители кои ќе доаѓаат, па војската на САД почна да носи нови единиците кои ќе бидат на готовс при евентуален обид на толпата да влезе во Областа 51.

„Воздухопловните сили го сфаќаат ова многу сериозно. Нашата држава има тајни и тие мора да се заштитат“, рече Дејвид Голдфејн, еден од главните во одбраната на Областа 51 кој со својата изјава за заштита на тајните само направи поголема беља.

Коментирај