Рецензии

„Mad Max: Fury Road“: Интензивна бркотница што трае два часа

18. мај 2015 - 15:28 | Маја Танушоска

Ова е година во која публиката покрај останатото има прилика да види продолженија на филмски франшизи што се етаблираа многу одамна. Има време до премиерата на новиот филм од франшизата „Star Wars“, но затоа тука е она што го понуди Џорџ Милер – 30 години по прикажувањето на „Mad Max Beyond Thunderdome“ тој на голема врата на публиката ѝ понуди остварување со нова екипа.

Нема дилема дека франшизата „Mad Max“ направи ѕвезда од Мел Гибсон и го лансираше во врвот. Начинот на кој тој ја доби оваа улога е една од најинтересните приказни за нечиј кастинг што можете да ја најдете. Накратко – ден пред аудицијата за „Mad Max“, Мел Гибсон учествувал во тепачка и се појавил со скршена вилица и модрици на лицето. Тој не ни очекувал да ја добие улогата на Макс и всушност повеќе бил таму за да му биде поддршка на неговиот пријател Стив Бајсли (кој доби улога во првиот дел од франшизата), но ѕвездите биле на негова страна и така тој стана дел од франшиза што долго време важеше за најпрофитабилна.

Милер вели дека на времето не ни мислел дека некогаш ќе направи уште еден дел, но идејата постепено растела и ете на крајот се одлучи да ја реализира, а прашањето беше кој ќе ги пополни чевлите на Мел Гибсон? Одлуката падна тоа да биде Том Харди, несомнено еден од најталентираните актери што се појавиле изминативе години. Се чини дека Харди ќе стане препознатлив по значајни улоги за кои треба да носи некаква маска преку лицето (забележете го и неговиот говор во овој филм кој ќе ве потсети на оној на ликот на Бејн од „The Dark Knight Rises“). Улогата на Макс подразбира малку зборување и многу акција. Да ги соберете сите реченици што ги кажува Макс веројатно ќе пополните едвај една страница, нешто што е карактеристично за овој лик.

Подготовката и реализацијата на „Mad Max: Fury Road“ претставувале навистина долг процес. Милер идејата за нов дел ја добил во 1998 година, но додека подготвил сè за да започне снимањето, во 2001 година се појавиле неочекувани проблеми со финансиите, а тука секако беа и контроверзите со Мел Гибсон кој почна да има проблеми со законот. Дополнително, Милер започнал да размислува за верзијата на Макс што сака да ја претстави во потенцијалниот нов филм, а тоа во никој случај не бил остарениот Макс туку истиот експлозивен лик, што значело дека мора да најде соодветна замена за Гибсон. Филмот инаку е снимен во 2012-та година и беа потребни три години за да се склопи според замислата на режисерот, па токму затоа актерката Шарлиз Терон изјави дека минало толку време откако го снимила филмот, што речиси и заборавила што сработиле.

Значи беа потребни години за да се создаде новиот дел од оваа франшиза. На крајот е создаден филм кој доби аплауз на филмскиот фестивал во Кан, огромни пофалби од критичарите и публиката.

Дејството на „Mad Max: Fury Road“ е поставенo во постапокалиптичен свет во кој луѓето се борат за основни средства за живот. Во поглед на континуитетот на приказните, Џорџ Милер вели дека не ни треба да се бара континиутетот, бидејќи според неговата замисла секој филм е како епизода од животот на Макс („никогаш не напишав ниту едно од сценаријата според хронолошки редослед“). Тоа од друга страна ги поедноставува работите за гледачите што не ги гледале претходните филмови во кои главната улога ја толкува Мел Гибсон. Практично, дејството во „Mad Max: Fury Road“ е хаос во кој лесно можете да ја загубите главата и тука нема правила. Во таква ситуација, Макс се обидува да се спаси соработувајќи со Фјуриоса (Шарлиз Терон). Обидот да се преживее нема да биде лесен, всушност тоа е интензивна бркотница од почетокот до крајот.

Филмот е навистина експлозивен и ви остава многу кратки периоди за да здивнете од акцијата што се одвива пред вашите очи. Има комплетно луди и бизарни сцени, како што се оние со гитарската изведба, кои тешко можете да му ги објасните некому, но кога ги гледате се совпаѓаат во целата таа луда атмосфера што ја создал Џорџ Милер. Секоја чест за начинот на кој е искористена музиката, која на одличен начин придонесува во градењето на тензијата.

На прв поглед делува како да гледате бркотница што трае два часа, но овој филм има и подлабока поента. Посочува на разорното влијание што човештвото го има врз планетата и последиците што би можеле да ги претрпиме, посочува на ситуациите во кои еден човек ја држи моќта и ресурсите, на слепата послушност и надежта...

Добар дел од „Mad Max: Fury Road“ е сниман во пустина во Намибија во навистина сурови услови (Шарлиз Терон изјави дека Намибија е место што Бог го создал кога бил гневен). Суровите услови што актерите ги искусиле на своја кожа предизвикале и мали тензии на сетот, но односите сепак не биле нарушени.

Покрај Шарлиз и Том Харди, во овој филм се појавува и Николас Холт, британскиот актер кој чекор по чекор се пробива сè погоре во Холивуд. Холт ја толкува улогата на Нукс, еден од „војничињата“ подготвени да умрат за својот водач. Сцената во која тој вели „Ох, каков ден! Колку убав ден!“ додека лудачки се обидува да стигне до слава, со сигурност ќе ви се вреже во сеќавањето.

„Mad Max: Fury Road“ е особено наменет за луѓето што ги сакаат филмовите кои изобилуваат со акција. Овде ќе ја најдете во големи количества. Филмот воедно има доволно потенцијал да ве поттикне да размислувате за иднината на човештвото. Што се однесува до понатамошниот тек на оваа франшиза, Харди изјави дека е сигурен дека ќе сними уште еден дел, а според реакциите на критиката и публиката, тоа негово навестување ќе се оствари.

Loading the player...

Коментирај